Темјануга
Една од македонските традиционални формули кога се почнува раскажувањето на приказна е “си беше што си не беше” Значи, си беше што си не беше, си беше во Македонија, едно село што се викаше Гари, ама овде имињата ретко ќе се однесуваат на оние од реалноста мината и сегашна, дури и кога тие имиња постоеле или сега постојат.
Еден жежок ден од крајот на месецот август 1997 година, непознат човек пристигна во Гари, качен на џип, целиот покриен со правот од одвај употребливите за автомобил патишта, дури и за теренска кола. Неколкуте куќи од кои беше составено местото се чинеше дека спијат од почетокот на вековите и дека ќе ја задржат нивната неподвижност до крајот на вековите. Човекот, ни многу млад, ни стар, имаше руса коса. Очите, се чинеше дека го дифузираат како студена светлина модрилото од ирисите. Непознатиот имаше очебијно надпросечен набој кога слезе од автомобилот и неговиот поглед зашари по просторот околу. Ако се погледнеше во паспошот, ќе можеше да се прочита дека името му е Димо, државјанин на САД.
Целото малечко село беше здрвено во дремка од силната горештина, со исклучок на еден овчар, кој, засолнат под дебелата сенка на едно повеќевековно дрво, им свиреше некоја песна со кавал на овците во просторот. Пасошот од Американецот беше последната грижа за стариот селанец.
“Да се обидеме да погодиме која е куќата”, помисли Димо и решително зачекори кај една од зградите над чии покриви, вибрираше прегреаниот воздух, оддалечувајќи се во правецот на азурното небо. “Во ова загубено планинско село жешко е, а како ли е во рамнината чиј еден дел се забележува одовде таму долу како да се гледа од авион!”, помисли човекот туркајќи ја портата од дворот пред една од куќите со типична архитектура од регионот. Под лозницата со густи лисје распоредена на решетка-скеле од железни летви и тел, пред дрвена маса читаше Филип, младиот пријател запознаен во авионот што пред неколку дена ги донесол од САД до Скопје во Македонија. При патувањето, младиот човек, на возраст од 20 години, му раскажал на Американецот дека неговите родители од Гари емигрирале во Австралија, каде тој се родил. Пред две години загинале во несреќен случај. Сега идел да ги посети дедо си и баба си по таткото. Покрај разликата во годините, се родило пријателство меѓу двајцата сопатници. Си ветиле да се видат во Гари.
Концентриран со читањето на книгата, Филип не го слушна соближувањето на Димо, кој, за миг, застана на прагот и го понабљудува. Иако седнат, се забележуваше дека Филип е речиси висок и атлетски развиен колку и гостинот. Од неговите очи зрачеше синкав челичен блесок. Гледајќи му ја косата, речиси бела со метален одблесок, Димо помисли: “Еве, старите гени почнуваат да се пројавуваат кај овдешните луѓе, кои често се темнокоси. На што ли се должи оваа појава?”.
Очите на Филип ја напуштија читаната страница, лицето му се разведри како огреано од сонце што излегло од зад облак и, станувајќи, подвикна:
– Димо Каран, си стоите на зборот, еве дојдовте!
– Да пријателу, благодарејќи на нацртаниот план во авионот. Без него ќе се загубев за вечни времиња по планиниве без проодни патишта за коли. Дојдов и, ако уште се согласувате со поканата, ќе останам најмалку една седмица кај дедо ви и баба ви. Оваа област за мене е голема промена во однос на градот Њујорк. Какви одмори!
Следните дни и ноќи двајцата пријатели шетаа. Отидоа на лов, вооружени со пушки дадоа од селаните на заем. Навечер средсело, обиколени од старци и неколку ретки млади луѓе, кои по некое чудо не отишле во Западна Европа, во Америка или во Австралија да заработуваат за живот, по илјадигодишниот обичај пееја и играа убави народни танци. Американецот, кој тврдеше дека по своите претци и тој потекнува од оваа земја, чиј јазик го зборуваше течно, не се осетуваше ни најмалку туѓ меѓу овие луѓе кои, кога зборуваа за него велеа “Американецот”, како што за неговиот млад пријател велеа “Австралијанецот”.
(продолжува)
![]()

