25 години од Карпалак

Прилеп со тага ќе чествува за 10-те загинати бранители, кои на 8 август  пред 25 години беа убиени при заседата на армискиот конвој кај Карпалак, на патот Скопје-Тетово. Се сеќава на Горан Миноски, Сашо Китаноски, Веби Рушидоски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Нане Наумоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски,

Бројни државни делегации, роднините на загинатите, здруженија и граѓани ќе положат свежи цвеќиња и ќе се поклонат пред споменот Карпалак во центарот на Прилеп каде ќе се одржи централното чествување.

Сеќавањата не бледнеат. Жени останаа без своите сопружници. Деца се родија по смртта на нивните татковци. Мајки во 10 тата деценија сеуште тагуваат за нивните синови. Не само загинатите бранители, туку сите членови на нивните семејства, се своевидни херои кои животот, четврт век го минаа во болка, страдање, издржливост, пркос. За дел од нив, судбината беше уште посурова. Но, повеќето успеаја со поддршка да ги исшколуваат децата кои останаа без татковци, да се вработат, да создадат брачни заедници и наследници и го продолжат животот со болка која не бледнее.

Сеуште нема достојно спомен обележје на месноста каде се случи една од најголемите трагедии во поновата македонска историја.

Во рамките на чествувањата, традиционално се посетуваат вечните почивалишта на загинатите бранители во Прилеп и во населените места, а почит им се оддава и пред спомен обележјето во прилепската касарна и пред споменикот на загинатите во селото Лениште.

10-те прилепски резервисти

На 8 август 2001 година кај месноста Карпалак загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

Loading