Прилепчанецот Андреј Јовановиќ – Дре
Спот, камерата и монтажата се на Катерина Јорданоска
По Скопје, младиот и талентиран музичар Андреј Јовановиќ – Дре, својот дебитански соло албум “ИТПК: Нов Лист” ќе го промовира на второто издание на рап фестивалот „Ритамот под Кулите” пред публиката во својот роден град. Видео спотот е дело на прилепчанката Катерина Јорданоска. Јовановиќ – Дре веќе втора година е еден од организаторите на рап и хип хоп фестивалот.

– Насловен е Нов Лист затоа што не треба да се плашиме од промени, треба да излезиме од комфорт зоната и да се бориме за тоа што го сакаме, а кратенката сега нека остане мистерија. За фестивалот, нашата прилепска екипа вложува и дава сé од себе за да ја врати и да ја шири културата во градов – објаснува Андреј Јовановиќ – Дре.
Лани за Илинден со Пука Козметика на Втори август, промовира нова песна со наслов “Бољи Живот”. И лани и годинава, видеото е од рацете на Катерина Јорданоска.

– Отсекогаш ме влечела филмската сцена. Завршив мултимедија на ФОН, а покрај камера работам и анимации и графички дизајн. Инспирацијата најчесто ми доаѓа од самата музика – ја слушам и си замислувам кадри. Со Андреј Јовановиќ Дре имаме доверба од самиот старт и сме најголема поддршка еден на друг. Имам објавено 4 видео спота досега. Првиот беше за Илинден минатата година, воедно и првата трака од албумот “Нов Лист” на Андреј, каде што гостуваа Пука Козметика. Тоа ми беше прво поголемо искуство и добра основа за понатаму – вели Катерина Јордансока.

Продукцијата, музиката и аранжанот на целиот албум е на Андреј Јовановиќ Дре. Од неодамна во функција е “Студио 048” каде се снимаат материјали. Не би бил прилепчанец доколку нема прекар. Прекарот бил дело на Пука Козметика, скратено од Андреј, но мал дел и по американскиот рапер, Др Дре кој е негова инспирација за креација.
![]()

