Пејзажниот знак како творечки сензибилитет

Атанас Атанасоски, уметник

“Идејата за реализација на проект “Пејзажни знаци 26” се надоврзува на моите претходни изложби, во кои основен материјал е дрвенеста вегетација. Трновитите растенија, по бербата, како сува материја, ја задржуваат цврстата структура”.

Ова го вели уметникот Атанас Атанасоски, чија изложба, е поставена во ликовната галерија и ќе може да се проследи до 7 август,

Според Атанасоски, со моделирањето со трновитиот дрвенест материјал се  бара и се пронајдува естетиката на хармонизирање на соживотот меѓу природата и човекот.

– Применливоста нуди поблизок пристап кон уметничкото изразување кое поради растечките еколошки проблеми станува порелевантно и социјално ангажирано. Ликовната изведба се фокусира на природните материјали како податни ресурси при обликувањето на структуралните површини со точно одредените визури. Инспиративен момент ми е пејзажниот знак, кој и претходно бил својствен мотив за мојот творечки сензибилитет. Ликовните фасцинации на вегетацијата карактеристична за нашето поднебје нема само декоративна функција, туку е конститутивен елемент за мојата ликовна интерпретација. Живееме со технологија која ни нуди информации на дневна основа за уметноста и уметниците во целиот свет. Како минува времето, а со тоа и побогатото искуство, мојата анализа и инспирација се насочени кон блиското опкружување, култура и традиција – вели авторот Атанас Атанасоски.

Loading