Работници од Комуналец со градежни машини, со транспортни средства и со рачен алат исчистија три диви депонии во Тризла. Најмногу отпад е отстранет од улицата “Тризла”, вдолж на Дабничкиот канал и кај мостот кај касарните. Комуналец интервенира најмалку еднаш месечно. Несовесните и неодговорните граѓани фрлаат отпад каде ќе им текне, создавајќи депонии кои им ја загадуваат животната средина. Не само тоа, туку им создаваат ризична околина за нивното здравје. Негрижата за хигиената не датира од вчера. Трае повеќе години, покрај повеќето контењери низ населбата. Дел од граѓаните, иако знаат дека ја загадуваат сопствената околина, не покажуваат соодветен однос за одлагање на ѓубрето во контењерите. Напротив, како да им е стил на живот со отпад под прозорецот, да им смрди пред портата и сами да си создаваат опасен амбиент не само за повозрасните, туку и за децата кои играат, такаречи во купиштата смет.

Како и да е, свеста за нормално градско поведение е исчезната или никогаш не ја имало кај дел од граѓаните. Растураат и фрлаат отпад насекаде, небаре жители на депонијата Алинци. Секако дека Комуналец, никогаш нема да крене раце од одржувањето. Но, и да се стават еден чистач на еден граѓанин, ако културата не порасне, тешко дека за скоро време населбата ќе се исчисти. И локалните власти би требало да ги ангажираат своите служби за откривање на граѓаните загадувачи, да ги санкционираат, па со казни ќе им дојде умот. Нужен е поголем напор, а не само залудно потрошени пари со ефект од неколку дена.
Не се за муабет вонредните трошоци на Комуналец. Наместо уредување на населбата со зелени површини, парите одат на чистење на депонии.
![]()

