Ракомет: Мери Гичева е чудо на 42 години
Во почетокот на септември обично стартува Првата женска ракометна лига на Македонија, во чиј состав е прилепскиот клуб Деспина, клуб најмногу интересен поради Мери Гичева, чудото од ракометарка. Чудо е поради стажот од 28 години, а и возраста од 42 години. Таа не престанува, туку продолжува со кариерата.
– Продолжувам уште оваа сезона, во која влегуваме со амбиции да се вратиме каде што заслужува да биде еден клуб како Деспина, во Супер лигата на Македонија. Решив да останам како играч со моето искуство и знаење да помогнам да ја постигнеме целта. Имам и втора цел, да го пренесам она што го знам на помладите, да ги поддржам во нивната работа и игра – вели Гичева.
Таа е ракометарка со долг стаж, чии почетоци се од 1998 година. Иако времето е далечно, се памети секој настан.
– Првите ракометни чекори ги направив во салата од Тутунски комбинат. Ракометот отсекогаш ме привлекувал со играта и динамиката. Рекреативно почнав за ОУ “Кочо Рацин”, каде бев избрана на 14 години од наставникот по физичко во 1998 година. Бев повикана од тренерот на Тутунски, Стеван Николоски – Селото. Ја прифатив понудата да ги посетувам тренинзите. Претходна инспирација ми беше Светското првенство за жени во 1997 година кога познати имиња од скопски Кометал ЃП го носеа дресот на Македонија. По напорна работа од две години, станав дел од клубот во 2000 година. Прво на вториот тим наКометал Еуростандард, а следните три години на Кометал ЃП,. Така сонот стана јаве – вели Гичева.
За восхит е како издржува и играч и тренер и на работа преку денот цели 12 години во Државното правобранителство во Прилеп, како референт, технички секретар.
– Познат ми е веќе тој ритам. Немам проблем да го издржам. Ракометот е целиот мој живот. Го сакам да го работам со срце. Кога се сака, сé се може. Тоа што работам како тренер на кадетките, а и со помладите категории, од почетните од 6 години, тоа ме исполнува. Кога ќе ги видам всала малите деца како нетрпеливо со преголема волја и желба го чекаат тренингот, тие ми даваат и сила и енергија – објаснува Гичева.
Најголеми успеси и се освоените шампионски титули и купови. Омилена позиција и е бековската, поради идолот, Индира Кастратовиќ. Ја имитирала дома во шутирање пенали. Понекогаш а кршела нешто од домашниот инвентар.
Мери е наука!
Тренерот на Деспина, Зоран Спиркоски, има само најубави зборови за Мери Гичева:
– Мери ќе игра и ќе биде тренер на кадетската екипа, оти има сила. Мојата изјава пред една година за неа, важи засекогаш. Мери е наука за жените. Треба да оди во некој научен спортски институт. Таму да земат од неа клетки, да создадат спортисти – кажува Спиркоски.
![]()

