Пред нас е 2 Аавгуст, националниот државен празник. Се слави како Ден на Републиката. Овој ден е и голем верски празник, Илинден, во чест на пророкот Св. Илија.
Денот на Републиката се прославува во знак на сеќавање на два големи настани кои се случиле на овој датум, и со кои се удрени темелите на македонската државност: Илинденското востание од 1903 година било организирано од ВМРО против Отоманското Царство, и во кое била прогласена Крушевската република, и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година, во Втората светска војна, на кое во манастирот Св. Прохор Пчински се поставени основите на денешна, Република Македонија.
Македонците традиционално слават, бидејќи е голем верски празник со корени од паганските словенски времиња, кога врховниот словенски бог Перун бил заменет со христијанската верзија Св. Илија.
Се одржуваат големи народни собири во сите манастири. Се организира коњанички марш од Скопје до Крушево каде востаничките водачи ја прогласиле Крушевската република во 1903 година. Главната прослава е на Мечкин Камен, се водела херојска борба со отоманските војски во која загинал Питу Гули во август 1903 година
Мугра, а во далечината се слуша биењето на камбаните. Денот ја поразува ноќта. Доаѓа нов,, Илинден. На 2 август 1903 година, на големиот верски празник со читање на објавите на востаничките штабови и со биењето на црковните камбани, македонскиот народ со големо воодушевување и ентузијазам се кренал на востание за ослободување на Македонија од отоманската власт и создавање македонска држава. Предводник и организатор на Илинденското востание била ВМРО, основана 10 години порано од група македонски интелектуалци, учители. Востанието било најдобро организирано во битолско. Околу 20.000 востаници на цела Македонија напаѓале населени места, помали гратчиња и села. Биле ослободени Крушево, Невеска, Клисура и десетици села во битолско, Демирхисарско, Охридско, Костурско. Била воспоставена востаничка власт, со јасни стремежите за создавање автономна македонска држава во етногеографските граници, во согласност со програмските документи на ВМРО. Во Крушево била создадена народна власт со републикански карактер. Дотогаш на Балканот доминирале монархистички држави. За кусо време биле остварени идеалите на корифеите на ВМРО, Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Христо Матов, Пере Тошев, Јане Сандански. Напоредно со идеолозите на Организацијата, на теренот, меѓу народот, војводите Питу Гули, Васил Чакаларов, Ѓорѓи Сугарев, Христо Узунов, Јордан Пиперката. Идеологијата на Илинден била цврста основа и корен во Македонија. Илинденското востание било автохтоно, македонско востание, организирано од ВМРО, без помош однадвор, не само војничка и финансиска, туку и без морална поткрепа на ниту една држава во Европа. Во срцето на Балканот, македонскиот народ и другите слободољубиви националности гордо ја издигнале паролата “слобода или смрт”. Победничкото “ура” стана синоним за македонската борба за слобода и државност. Кога маѓународната заедница игнорирала и промовирала статус кво на Балканот, Илинденското востание доживеало крвав и трагичен крај. Било задушено, но илинденските идеали тлееле и живееле кај македонскиот народ, чекајќи подобри времиња. Првата генерација македонски илинденци ја поставиле основата за идната македонска борба за слобода и за создавање независна Македонија.
Илинденскиот факел повторно пламнал точно по 41 година од првиот Илинден, на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчински. Вториот Илинден бил оживеан од новата македонска генерација на борци што политички била водена од КПМ, поддржана од македонскиот народ и другите националности во Македонија. Илинденските знамиња на комитските чети биле преземени од партизанските одреди. Комитите и војводите биле заменети од партизаните, а паролата “слобода или смрт” била дополнета со новиот лозунг “смрт на фашизмот, слобода на народот”. Асномците станале нови илинденци, а Македонија на вториот Илинден се конституирала како рамноправна федеративна држава во новата југословенска федерација. Гоце, Даме, Јане, Ѓорче, Пере биле заменети од Ченто, Пирузе, Брашнаров, Шатев… Иако на дел од етногеографската територија на Македонија, каква што ја знаеле и се бореле генерации македонски револуционери, Македонија извојува државност. Асномците, свесни за големината на илинденските идеали, основите на повоената македонска држава ги поставиле врз илинденската идеологија, врз начелата на Гоцевата генерација и историското ВМРО. Двете македонски генерации на револуционери и борци биле споени од Илинден, а континуитетот на македонската борба бил крунисан со создавањето асномска Македонија. И не случајно, една од клучните одлуки на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година била Илинден да биде прогласен за државен и национален празник на Македонија. Двата македонски Илиндена покажале на дело дека сите идеолошки разлики можат да се надминат кога е во прашање најсветиот идеал за Македонците, а тоа е Македонија.
Македонија 123 години по Илинденското востание и 82 години по Првото заседание на АСНОМ! Македонија е на тежок крстопат? Судбината зависи од патот по кој ќе тргнеме, од патот посипан со дарови од Данајците и ветувања од лажните фарисеи што ни нудат маглива иднина или по патот илинденцитеоден со децении по идеологијата на Гоце и Ченто, на комитите, војводите и на партизаните. Но, историјата покажала дека во најтешките времиња се раѓаат нова енергија, нови генерации на борци, нови водачи!!! Иднината на Македонија не е само во нашите раце, на генерациите што го живеат ова историско време, туку и во рацете на тие што допрва доаѓаат. Илинден беше светлината на правецот во кој треба да одиме како нација и држава. Илинденците уште се водилка на многу македонски генерации низ тешките историски премрежја и голготи.
![]()

