ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 129

ПОРТА

Миле, или поточно Емил Каре, дете на македонски иселеници отидени преку “големата бара”, Атлантикот, во Америка, од родните САД во почетокот на летото 2005 година допатува во Македонија да го запознае Стариот Крај на своите родители и на подалечните претци од семејството. Македонскиот јазик, проткаен со американски акцент и зборови, во катадневното општење со луѓето почна да се корегира и да се збогатува со дотогаш за него непознати зборови. Овде не беше Америка и момчето со љубопитство го набљудуваше судирањето меѓу два света: стариот и новиот, оној со автомобилите, тракторите, издуваните лоши гасови и сé она што е карактеристично за новото време во кое се одвиткува човечката егзистенција.

Еден убав жежок ден, кога се чинеше дека од сонцето извира усвитена лава, пред потсмевните погледи од неколку селани заштитен под еден бел сонцебран, “чадор”, “заради дупката во озонот од атмосферата”, Емил Каре тргна низ планината. Тешка дремка го налегна, па кога се доближи до некое старо дебело дрво со широко распространети гранки, прилегна под сенката и се загледа во азурното небо. Ветар долетан којзнае од каде, “можеби од Сахара”, зашуми низ лисјето и изгасна некаде подалеку. Се сети на расказите дедови, по татко, за опседнати дрвја од “ветришта”, под кои не било добро да се седнува и веднаш потоа неосетно заспа. Кога се разбуди, сонцето уште жареше и вжештениот воздух трепереше над земјата. Стана, го отвори сонцебранот и, висок, модроок и плавокос, зачекори по камењето надолу во правец на селото. На едно место се слизна и се затркала по карпите нашарени со лишај. Удри со главата на еден камен и изгуби свест.

Приквечер еден овчар го најде. Повика помош и неколку мажи го пренесоа до куќата од роднините кај кои Емил Каре се смести кога пристигна во родното село од родителите. Ноќта беше веќе падната кога пристигна автомобил од медицински центар на кого домаќините му се обратиле за помош преку еден од неколкуте телефони во селото. Во медицинскиот центар каде Емил Каре беше со мака транспортиран низ беспатиците на планината, констатираа дека од ударот со главата во каменот починал. Електроенцефалограмот покажа дека повеќе нема никаква активност на неговиот централен нервен систем, а кога мозокот е мртов, и човекот е клинички починат. Во очекување на следниот ден, го оставија во една соба телото од мртовецот.

Малку по губењето на свеста, Емил Каре виде како се приближува кон него некаква силна светлина. Летна надвор од своето тело и од извесна височина ја набљудуваше земската обвивка од крв, месо, коски. Исплашен се обиде да се врати во своето тело. По неколку неуспешни обиди, откри дека не е господар на своите движења. Во меѓувреме, силната светлина стигна до него. Од неа излезе млад белокос човек со љубезен, пријателски израз на лицето.

– Ајде, дојди со мене!, го покани непознатиот.

По една козја патека слегоа од планината и се упатија низ рамнина на чиј хоризонт не се согледуваа никакви возвишенија. Дојдоа до голема река над која висеше мост. Тргнаа по него. Кога стигнаа до средината од мостот, Емил Каре виде дека на тоа место градбата беше прекината и продолжуваше понатаму после неколку метри празнина.

– Ајде да скокниме!, му предложи придружникот, па зеде залет и ја прескокна пукнатината.

Емил Каре се загледа во интервалот на средината од мостот и си рече: “Олку далеку не можам да скокнам. Ќе се вратам назад”.

Се сврти и почна да се оддалечува. Долго време пооди така низ рамнината. Се запре пред една голема порта. Од неа излегоа три млади жени, облечени во бели кошули и куси панталони, исто така бели. Едната беше црвенокоса, со виолетови ириси, бујни големи гради, другата црнокоса со зелени ириси, млечно бела кожа, а третата русокоса, модроока. Сит беа убави. Зрачеа пријателство. Го поканија една по друга.

– Ајде помини низ портава!

– Таа води кон добриот пат.

– Само така ќе можеш да се вратиш дома кај твоите блиски.

После кусо колебање, Емил Каре влезе и ги отвори очите. Погледна околу. Беше во непозната просторија што потсетува на болничка соба. Стана, излезе во ходникот и констатира дека се најдува во некоја болница. Виде низ еден од прозорците дека надвор е ноќ. Набрзо еден дежурен доктор го покани во својот кабинет. Почна да го прегледува и да го испрашува.

 (продолжува)

Loading