Жртва на реформските погледи                            

105 години од раѓањето и 25 години од смртта на прилепскиот народен херој Крсте Црвенкоски

Во динамичниот и плоден живот Крсте Црвенкоски, постигна исклучителна афирмација како политички деец, публицист и државник, како на македонско, така и на југословенско ниво. Со здравиот политички поглед и разум успешно се одржувал, растел и развивал во бурните македонски и југословенски води, исполнети со разни предизвици.

Роден е во Прилеп на 16 јули 1921. Бил прво дете на мајката Блага и таткото Трајко. Имал три браќа и една сестра. Сите биле учесници во борбата за национална слобода и социјална правда.

Револуционерното воспитување го гради во ученичките години, читајќи напредни литературни дела. Во 1935 година, станал член на СКОЈ и формира литературната дружина во Гимназијата. На 18 години бил примен во КПЈ. Се запишува на Филозофскиот факултет во Скопје, но, поради револуционерна дејност преминува во илегала, првин во Скопје, а потоа во Прилеп. На 11-ти октомври 1941, е во групата за прекин на телефонските врски во Прилеп. Почнало народното востание против фашистичкиот окупатор, кога Македонија застана на страната на антифашистичката коалиција, од која се “роди” македонската држава.

За борбата на македонскиот народ, Црвенкоски вели дека востанието од 1941 до 1945 година било кристално чисто македонско-национално, насочено кон егзистенцијалните македонски интереси, борба за слобода против фашистичките окупатори, но и конечна пресметка со сите поранешни поробувачи, кои го негираа националниот идентитет со перфидни методи. Со бескруполозни репресии, претендирале да ги асимилираат Македонците во своите национални корпуси со надеж дека како браќа по вера (православни христијани), и по племе (словени), ќе го изведат тоа полесно отколку повеќевековните поробувачи, османлиите. “Победоносното востание беше длабока духовна ренесанса на македонскиот народ. Низ борбата се надминаа сите делби на разни “филства” (бугарофилство, србофилство, гркофилство) и на сцената стапи наполно национално оформен и освестен народ, прочистен во својата национална свест како македонски… Крајна цел на востанието беше создавање на македонска држава, што бил завет од револуционерите, особено од оние од Илинденското востание од 1903 година. Целата политичка платформа беше градена на традициите на Илинден, на Гоцевата ВМРО, охрабрувана со имињата на илинденските великани, потпрена на нивните фундаментални мисли… Лесно е да се самопрогласиш за продолжувач на илинденските револуционери, тешко е да докажеш со дело”.            Уапсен е по предавство во Гостивар, во 1942 година. По едномесечна тортура во затворот префрлен е во Тирана. Во април 1943 година, заедно со 22 затвореници, успева да побегне преку ископан канал и да се најде меѓу албанските партизани. Потоа се префрла во Дебар, преземјаќи ја функцијата секретар на Окружниот комитет за Западна Македонија.

По ослободувањето бил на разни партиски и државни функции на републичко и федерално ниво. Бил член на ЦК на КПМ од Првиот конгрес од 1948 година. Од 1964 до 1974 година е член но ИК на ЦК на СКЈ. Бил републички и сојузен пратеник во повеќе собраниски состави и републички министер за просвета, наука и култура, потпретседател на Извршниот совет на СРМ од 1953 – 1958 година. Член бил и на Претседателството на СФРЈ до 1974 година, со кое раководи Јосип Броз-Тито, а негов потпретседател во периодот од 1971-1972 година. Предизвикувал раздвиженост во развивањето на националните чуства кај Македонците, кои додогаш како да биле маргинализирани. Тоа се одразило во разни области во Македонија.

Црвенкоски имал најсилна улога за стекнувањето на афтокефалност на МПЦ во 1967 година. Југоловенското раководство поддржало обновување на самостојната афтокефална МПЦ, по што следувал Третиот црковно-народен собор во Охрид.

Во 1969 година влијаел, во Рим првпат да се отвори манифестацијата во чест на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј. Се залагал за поголема самостојност на републиките и почитување на македонските вредности во СФРЈ. Во1970-1971 година ги поддржал предводниците на културно-политичкото движење, “Хрватската пролет” со Савка Дабчевиќ-Кучар, Мико Трипало и други, при што дошло до судир со официјалната политика на СФРЈ. Така е обележен како дисидент.  Станал жртва поради ставовите за поголема самостојност на републиките во федерацијата. Како политички неподобен бил разрешен од сите функции во Федерацијата и Републиката, и пензиониран.                                                                 

До распадот на Југославија немал никаква јавна функција, оти имал реформски и демократски ставови. Бил сменет, оти го отворил прашањето за демократски дијалог.

Како публицист и аналитичар на политичкото и националното движење во Македонија, пишувал мемоарски записи, а објавил повеќе дела. За Народен херој е прогласен  во 1953 година.

Во 90-тите години, претседателот Киро Глигоров неформално го рехабилитира. Во 2022 година, претседателот Стево Пендаровски постхумно го одликува со Орденот на Република Македонија за повеќедецениските напори за создавање на македонска држава.

Со сопруга Марга ги имаа синот Стево и ќерката Емилија. Почина во Скопје  на 21 јули 2001 година.

Рубин Белчески                                             

Loading