НЕБРЕГОВО
Иако малку заморени од долгиот пат од Скопје до селото Небрегово, шеесетина пензионери од Здружението на инвалидските пензионери од Кисела Вода, со голем интерес, го следеа кустосот Горан Стефкоски кој говореше за животот и делото на големиот поет, писател, преведувач, лингвист, граматичар, професор, академик, Блаже Конески во спомен домот во родното место.
Спомен домот постои од реновирањето од 2005 година.

Жештината не ги спречи возрасните да откријат некои непознати факти за Конески во домот, музеј, бидејќи со годините некои работи ги подзаборавиле. Прашуваа за основите на македонскиот јазик при школувањето во основните и средните училишта, а некои и на факултетите. Некои искажаа мислења во спомен книгата, за нивниот професор од Филолошкиот факултет, што сега го носи името на Блаже Конески.
Конески е роден во Небрегово на 19 декември 1921 година како единствено машко дете во семејството. По ослободувањето, бил член на Комисијата за подготвување на првиот македонски правопис и бил лектор на првиот број на весникот Нова Македонија. Бил претседател на МАНУ. Незаборавни му се песните “Тешкото”, “Везилка”, “Црква”… Делата му се преведени на повеќе од 40 јазици.
На колегите им се придружиле дваесетина пензионери од Струмица. Инвалидските пензионери се насладувале на познатата прилепска скара, разладувале со пиво и ја следеле програмата на Пиво фестивалот.
![]()

