Пензионер, а маратонец
За воодушевување е подвигот што самоиницијативно го изведе 74-годишниот Кирил Велкоски. Додека бил на одмор во Градиште, и седејќи крај езерото, му здодеалои втор пат го обиколил Езерото со трчање сам. Со малку вода за пиење, тргнал во 4 часот наутро од Градиште за Охрид, Струга, па преку Ќафасан, во Албанија, па до Поградец и Свети Наум, се вратил вечерта во 22 часот во Градиште.
– Вторпат трчам околу Охридското езеро. Маратонец сум, кој трчал на многу маратонски трки. Ме интересираат и планински и градските маратони. Пред 35 години трчав од манастирот Прохор Пчински до Јајце за денот на СФРЈ, 29 Ноември. Во Скопје низ улиците сум трчал 3-4 пати. Сега сум канет на планинска трка Чупино кај Виница. Каде што ме канат, ме има како маратонец. Чест ми е да се носам рамо до рамо со младите. Тоа е доживување што не се случува секој ден, само што овојпат ја истрчав оваа маратонска патека, по обратен пат. Лани трчав преку Свети Наум. Долга е патеката. Стотина километри. Не се плашам, оти има луѓе по патот. Можеби треба да се најде организатор за оваа интересна маратонска рута. Им препорачувам на младите, а и на возрасните да не лежат дома, туку да се активни, да се движат. Трчањето станува хоби и страст. Така станав мераклија. Не ми е тешко или мака да трчам благо и 20 часа. Немоќен сум сам да организирам маратон – вели Велкоски, возрасниот заљубеник во планинските и градските патеки за трчање.
Вели засега ништо не го боли со годините. Можеби трчањето му е лек, па и за долговечност. Заслужува аплаузи и браво, особено лете, кога трча на високи температури. Тоа не е само кондиција, туку и напор да се стави телото во “трета” и на нагорнини. Храбар е Велкоски, зашто сам минува, трча понекогаш и низ пустелии.
К.Р.
![]()

