Страшо осети како крв му надојдува во лицето. Се засрами од сина си. Тој, неговиот татко, со девојка што е врсничка на син му! Мислата дека во прашање беше реванш на навреден и понижен татко повеќе не го успокојуваше. Одмаздата имаше горчлив вкус. Беше многу посложено, како што изгледаше. Како неговите деца насетиле, ја намирисале неговата тајна врска со ќерката од работодателот? Ех, може ли човек нешто да скрие од своите деца?! Може, ама не е лесно! Не бил доволно претпазлив!
– Татко, незгодно ти е? Таа е една работа што сакаше од нас да скриеш. Дознавме одамна за неа. Знаеме речиси сé.
Страшо ги спушти очите. Не можеше повеќе да го издржи искрениот поглед на сина си.
– Синко, таа е твоја врсничка, ако се оженев за неа луѓето ќе ни се смееа.
Васил почна гласно да се смее и ја префрли раката преку атлетските рамена од татка си.
– Луѓето не ни даваат насушен леб, сами си го вадиме. Што ти е гајле што ќе речеле луѓето! Елизабет те сака, навистина те сака, а и ти неа ја сакаш. Тоа е важно. Ти нас не изгледа. Сега мисли малку и на себе. Елизабет е млада, со неа ќе имате други деца, наши деца, Македончиња!
– Нејзините родители никогаш нема да се согласат, а јас не сакам да ја скарам со нив. Децата имаат потреба од своите родители и нормални врски. И мене нема да ми беше мило некој да сака да ме скара со вас!
– Ти ни зборуваше дека животот е како колце што постојано се врти. Оние кои се горе, слегуваат долу, а оние кои се долу се качуваат горе? Елизабет нема повеќе нити родители, нити пак има милиони. Таа вели дека отсега натаму само тебе и нас не има.
Страшо занеме и потоа прашањето експлодира низ неговата уста:
– Како?! Што велиш?! Повтори што рече!
– Елизабет нема повеќе ништо. Разбравме дека татко í и мајка í загинале во сообраќајна несреќа додека се спремавме за новиот стан пред да се преселивме во Македонија. После нивната смрт, се открило дека татко í направил некои ризични финансиски операции. Преку ноќ од милионер станал сиромав. Она малку што останало Елизабета го продала и сега само едно сака, да се омажи за тебе.
Страшо се потрпре на оградата и повторуваше како автомат со раката пикната во косата.
– Не е можно! Не е точно! Од бродов ќе í телеграфирам и ќе í речам, ако сака, со првиот авион да допатува кај нас… Да, ама не е можно!
– Зошто?
– Не í ја знаеме новата адреса.
Сé се насмеа на лицето од Васила, од устата, забите, образите, очите.
– И ја знаеме новата адреса, како не ја знаеме. Нејзината нова адреса е кабина број 29 на бродов со кој патуваме! Ако сакате уште утре или задутре капетанот ќе ве венча и во Македонија ќе пристигните како законски маж и жена. Таму уште в црква ќе се венчате и ќе направиме голема свадба.
Страшо го погледа сина си како да не разбрал што рече, па подвикна:
– Признај дека комбинацијата сте ја спремиле заедно, сестрите твои, Елизабета и ти лично!
– Признавам, татко. Ама, појди да ја видиш во кабината број 29. Те чека со нетрпение. Не í е лесно. Остана сирак, без обата родитела. Ние сега í сме единствена фамилија.
Страшо ја зеде раката од сина си. Ја стегна како што се стегнува рака на стар и мил пријател. Потоа, малку како пијан, зачекори без збор кон кабината број 29. “Ти благодарам, сине! Ви благодарам, ќерки мои!”, шепна неговата уста. Пред очите гледаше расцутена русокоса пролет на главата од толку саканата Елизабета. Сосема беше потонат во нејзините очи полни со сина магла. Нејзините црвени усни, меѓу кои блескаа белите заби, му велеа: Побрзо! Побрзо! Кабина број 29! И Страшо побрза, затрча речиси. Како момче на 16 години “затрескано” до уши во својата прва љубов.
Како велеше веќе пословицата од Стариот Крај? Животот е колце…
(продолжува)
![]()

