ЉУБОВТА КОН ФОЛКЛОРОТ ГИ СПОИ ВО БРАЧНО ГНЕЗДО

Милена и Стефан Милошески, долгогодишни членови на КУД „Мирче Ацев”

Милена и Стефан Милошески се долгогодишни членови на КУД „Мирче Ацев”. Двајцата ги сакале песните и ората од народната традиција. Љубовта кон фолклорот почнала од детсвото. Милена станала член на културно уметничкото друштво на шст годишна возраст, а Стефан почнал да игра на осум години. Како што цутела желбата за играорната, така кај нив двајцата се разгорела љубовта во срцата, која потоа кулминирала пред олтарот. Во знак на нивната пасија, и дел од свадбената фотосесија направиле во народни носии, што е реткост меѓу младите.

– Уште од првите проби почувствувавме дека фолклорот не е само хоби, туку начин на живот. Магијата на народната музика, ората, песните и богатството на македонската традиција нè освоија уште како деца – велат тие.

Кај двајцата, љубовта кон фолклорот, е и семејна традиција. Милена потекнува од музичко семејство.

– Мајка ми како мала била дел од играорна група. Отсекогаш имала љубов кон музиката, а дедо ми своевремено бил музичар. Свирел гитара во групата „Санта Роза”. И сопругот, потекнува од семејство кое го негува фолклорот. И неговиот татко и сестра од мали нозе се играорци во КУД “Мирче Ацев”. Затоа, љубовта кон традицијата кај двајцата се развиваше природно и со годините стануваше сè поголема – вели Милена Милошески.

Токму во играорната, почнала и нивната љубовна приказна во 2016 година. Станувала сé посилна низ годините исполнети со многу заеднички настапи, проби, патувања и незаборавни моменти. На крајпт, љубовта ја крунисале со брак на 20 јуни 2026 година, а заедничката љубов кон фолклорот била еден од темелите врз кои ја изградиле нивната врска.

– Фотосесијата ја направивме во Македонско село во Горно Нерези, во Скопје, бидејќи сакавме преку фотографиите да ја овековечиме нашата љубов и кон фолклорот и еден кон друг. За нас, народната носија не е само облека, туку симбол на нашиот идентитет, историја и корени. Една од најубавите работи што ни ги подари фолклорот се бројните турнеи и патувања. Турнеите со друштвото секогаш биле незаборавни. Без разлика каде сме настапувале, секогаш сме поминувале прекрасно, сме стекнувале нови пријателства и сме носеле убави спомени. Тие моменти остануваат секогаш во нашите срца. На играорна одевме сè до нашето заминување во Германија. И денес, кога сме во Македонија, секогаш наоѓаме време да ги посетиме нашите пријатели и нашето друштво – велат тие.

Во време кога многу млади се оддалечуваат од традицијата, тие веруваат дека токму преку неа, може да се зачува идентитетот. Фолклорот не е минато, туку живо богатство што треба да се негува и да се пренесува на идните генерации.

– На младите би им порачале да не ја забораваат македонската традиција и барем еднаш да ја почувствуваат магијата на фолклорот. Преку играорната не само што се учат ора и песни, туку се стекнуваат искрени пријателства, незаборавни спомени и животни искуства. Нека бидат горди на своите корени, затоа што народ без традиција е народ без иднина. Традицијата треба да се чува, негува и со љубов да се пренесува на идните поколенија – вели брачната двојка Милошески.

Моментно живееат во Германија, веќе две години, но без разлика каде се, секогаш со гордост ја носат Македонија во срцето. Се трудат да ја негуваат и промовираат македонската традиција надвор од татковината.

СЕКОЕ ОРО Е УБАВО

Не би можеле да издвоиме омилено оро или песна, бидејќи сите македонски ора и песни се подеднакво убави и вредни. Секоја песна и секое оро носат своја приказна, традиција и емоција, па затоа ги сакаме и почитуваме сите подеднакво.

НЕ СЕ МОЖЕ БЕЗ “ЖТЕШКОТО”

– За фотосесијата носев оригинална женска мариовска носија, која е  културно богатство и со голема гордост можеме да кажеме дека ваква носија поседува само нашето друштво КУД „Мирче Ацев” од Прилеп. Стефан, пак, беше облечен во носија од „Тешкото”, едно од највпечатливите и најемотивни македонски ора, кое претставува симбол на македонскиот дух, истрајност и достоинство – вели Милена Милошески.

Фотографии: Фото Продукција од Оливер Ангелески

Loading