ЛЕБОТ  НАШ, НАСУШЕН

ДА  НЕ  СЕ  ЗАБОРАВИ

Време е жетва. Се збира лебното зрно од полето. Реагираат земјоделците дека височината на откупната цена. Велат дека не се исплаќа човек да се  произведува пченица, јачмен и други житни култури. Без да навлегуваме во купи-продај зделките на откупувачите и произведителите на пченица да потсетиме и да не забораваме како се правеа по педесетина, ако не и повеќе илјади парчиња  леб  дневно единствена пекарница Жито Прилеп. Леб се месеше, печеше и разносуваше не само за градот, ами и за Крушево, Кавадарци, Кривогаштани, Долненските села, па и Мариово еднаш или двапати неделно додека имаше таму население. Тоа беше така додека не се продаде големиот производствен капацитет со мелници и силоси за смесување на илјадници тони жито. Се најде купувач, и тоа од странство. Нашинец. Жито Прилеп стана приватна фирма, како многу други. Истиот газда стана сопственик и уште на неколку други капитални, големи објекти во градот.

Неколку години најголемиот производител на леб и бели печива работеше рентабилно. Потоа, полека, полека пропадна, како што пропадна и хотелот Липа, хотелот и ресторан Сонце – Мак-Ам, бензиската пумпа… Тогаш, а и сега одговорот беше и е дека сопственикот кој понекогаш доаѓаше во Прилеп преку Големата бара –  Америка, каде што печалеше зелени долари, како да сакаше да им  помогне и на овие неколку некогаш, добри на финансиски план фирми. За жал продавачите го излагале. Не знаеле да работат според очекувањата. Но, едно е да планира човек овде, а друго е во стварноста. Фирмите сега зјаат  празни, без работници и без произвоство на илјадници парчиња убав леб по сите стандарди.

Оние кои ја знаеја мајсторијата да прават леб и да месат бели печива, гевреци, буреци, се снајдоа. Отворија свои фурни и ги снабдуваат со леб Прилеп и околината.

Според добро упатени стручни лица сега во градот се носат леб, гевреци, буреци и друг вид бели печива од други градови и произведители, покрај седумдесеттина лебопроизводители. Леб иди од Битола, Скопје, Кавадарци, Кривогаштани, од некои Долненски села. На градските производители не им се знае  бројот.

Туку да ги оставиме времињата кога на секоја раскрсница имаше маалски фурни каде нашите баби и мајки месеа и на долги штици носеа да се печат по пет, шест леба, како што ги викавме “мајчински”, за неколку дена. Да завршам, многу леб се произведува, се носи во градот, ама останува многу и се враќа на на производителите. Никој не зна е колку леб се фрла или им се дава како храна на кучињата и стоката. А од друга страна сме биле сиромашни. Нема пари да се помини месецот. А лебот наш, насушен, иако е донесен само пред еден ден, се фрла завиткан во целофан во продавниците, па и од домовите!

К.Ристески   

Loading