Бунтот на интелектуалците во “Ловецот во ‘ржта”

Премиера  в театар

“Ловецот во ‘ржта”, според Селинџер, во режија на Мартин Кочовски, е новата претстава што ансамблот на театарот  премиерно ја изведе на големата сцена од од ЦК “Марко Цепенков”. Текстот, вели режисерот Мартин Кочовски,  е цивилизациски важен, популарен,  бидејќи обработува тема за невозможниот бунт на индивидуалецот против општеството.

-Текстот има оставено голем белег врз културата, особено поп-културата. Го одбрав прилепскиот театар да го поставам поради квалитетот на актерската екипа, која може и знае да работи ваков текст и го докажува тоа во реалноста. Проектот е грандиозен, а основната тема е за конфликтот на индивидуата во општеството. Имено ова е бунтот на една театарска екипа во општеството, затоа што во овој театар се бориме да го артикулираме нашиот глас, во општество каде тешко може да бидеме гласни, а ние сепак сме гласни. Публиката ќе види енергична, но наедно лирска и епска претстава, полна со различни жанрови – вели режисерот.

Претставата е побуна против конвенциите на средината – општествена, економска и интелектуална.

– Холден Колфилд е осамен и изолиран херој, или антихерој, или ни едното ни другото, кој не сака да ја прифати бесмисленоста на која постојано наидува – како во својата фамилија, така и во училиштата од кои го исфрлаат, во њујоршките локали и секаде каде што се движи. Исклучок од таа бесмисленост е единствено неговата помала сестра Фиби која сака да ја заштити од средината во која тој израснал. Меѓу детството и зрелоста, човек губи нешто што никогаш повеќе не успева да го има. Не станува збор за невиност, ниту за носталгично гледање кон минатото. Се работи за една форма на непосредност во односот кон светот – способноста да се гледа без однапред прифатени категории, безгрижно и љубопитно, да се именува лицемерието без страв, според сопственото чувство за вистина, правичност и сочувство. Штом созревањето подразбира такви одрекувања и компромиси, прашање е што останува од нас кога ќе ги исполниме сите општествени очекувања. Холден Колфилд на моменти наликува на детинест, добродушен бељаџија кој постојано ги преиспитува и заобиколува општествените норми. Истовремено покажува раскошна природа на незапирлив багабонт кој предизвикува восхит со својата животна енергија. Неговата нетрпеливост не е насочена кон авторитетот сам по себе, туку кон лицемерието што станало негова основна одлика. Тој нема намера да ја прифати идејата дека сме осудени да живееме во свет во кој искреноста и индивидуалноста мора да бидат жртвувани во замена за сигурност и чувство на припадност. Она што најмногу восхитува кај Холден Колфилд е начинот на кој доживува и раскажува, како и неговата способност вешто да се ослободи од светот кога тоа ќе го посака. За некаков дуализам во ликот на Холден, се разбира, не станува ни збор: неговото Јас не е целина туку еден комплексен свет на многукратност и хаос од форми и состојби.  Токму во тоа се состои и длабоката сила на Ловецот во ‘ржта — во можноста да се разбере позицијата на човекот распнат меѓу својата комплексна природа составена од противречности и општеството кое секогаш настојува да ја редуцира и некако да ја вкалапи таа комплексност – потенцира Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Сценографијата е на  Филип Јовановски, костимографијата и светлото  е на Јулијана Војкова, автор на музиката, кахон: Пеце Брада Трајковски, пијано, микрокорг: Давид Скерлевски, вокал, сантур: Ана Митоска, саксофон, тромбон: Илија Волчески, гитара: Димитар Ѓорѓиевски.

Играа Наташа Ачански, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Теона Крстеска, Михајло Миленкоски, Ана Митоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Марија Спирксока Илијеска, Здравко Стојмиров, Александар Тодески и Игор Трпчески.

Претставата е дел од годишната програма за работа на театарот “Војдан Чернодрински” и ЦК “Марко Цепенков”, поддржана од Министерството за култура и туризам.

Ка.М.

Loading