Спој на историја и современ живот

Ираклион, Крит

Ираклион, главна порта на најголемиот грчки остров Крит, е место каде се среќаваат старите цивилизации и новите современи градби. Главно пристаниште за доаѓање и заминување на траекти, крузери. Блиску е аеродромот. Живеалиште е на околу 200илјади луѓе. Н нуди невероватен спој на минејска култура и современ животен стил. Кога пристигнавме на Крит, имавме време за мала прошетка низ Ираклион, да се запознаеме со градот, во чија непосредбна близина е еден од најзначајните археолошки локалитети Кносос, каде се наоѓа Минојската палата.

Беше мирно, тивко, без вообичаени гужви, без многу туристи во тие утрински часови. Време погодно, не многу жешко за откривање на убавините на градот, во кој  е развиен не само туризмот, туку и индустријата. И, што е најважно тука има и убави плажи, на кој посетителот може да се одмора. 

Ираклион е средиштето на островот, од каде може да се појде на прошетка, да се видат неговите убавини. Градот плени со тесните улички, венецијанските ѕидини, пристаништето, старата венецијанска тврдина Коулес. Прошетката низ стариот дел е вистинско задоволство.  Главната улица е 25 Август, а тука шетајќи ќе забалежите повеќе објекти.  Убаво е секое утро во Ираклион. На почеток, седнете во штотуку отворените кафулиња и напијте се убаво критско кафе. Особено, околу симболот на градот фонтаната Моросини од 16 век, со лавови, за потоа да продолжите со прошетката.

Полека шетајќи, ќе ги видите двата плоштада  Елефтериос Венизелос и Калергион, кој се преплетуваат еден со друг. Ќе ја видите Градската галерија, која претходно била црква, па џамија, а сега е музеј, па раскошната Венецијанска градба од 1628 година, денес градско собрание со убав двор. Катедралата Св. Тито воопшто не личи на верски објект, туку на зграда. Првобитно била џамија, а од 1925 година е црква, во чија внатрешност има богато изрезбарен дрвен олтар, витражи, лустери и скулптури. Тука се и моштите од  черепот на светецот. Пешачката улица завршува долу кај Венецијанското пристаниште и  кај тврдината, убаво место за разглед, одмор, релаксација и опуштање. Морето беше малку разбранувано, па тука се слушаа звуците од брановите. Тврдината Коулес е музеј со стари топови и артефакти. Оттука им преубав поглед на морето, но и на градот.  Наспроти, се остатоците од венецијанското бродоградилиште. Убаво е да прошетате покрај морето, бидејќи има убаво уредени патеки, а така шетајќи ќе стигнете и до пристаништето каде застануваа крузерите.  Таму во близина е и Историскиот музеј на Крит, па ако имате време посетете го, со потсетување дека музеите на Крит работат само до 15 часот.

Кносос се смета за најстариот град во Европа. Се наоѓа на пет шест километри од Ираклион и може да го посетите и да уживате во историјата од пред 1600 години пред новата ера и да научите за Минотаурот и лавиринтите. Така, посетата на Ираклион ќе ви остане во длабоко сеќавање, а фотографиите ќе ви бидат долг спомен.

Текст и фото: Каролина Мицевска

Loading