Тамара Стојаноска, режисер
Режисерката Тамара Стојаноска, која е потписник на повеќе претстави, пред се во независниот театар „Златен елец”, а и во неколку театри, вели дека современиот театар пред сè, е искрен театар.
– Театарот има храброст да зборува не само за убавите и светлите страни на светот, туку и за неговите противречности, неправди и темнини. Современиот театар е театар кој не бега од непријатните прашања, туку несебично и искрено копа по длабочините на човечката душа. Токму таквиот театар, театарот што предизвикува, критикува, вознемирува, но и утешува за мене е од огромна важност. Тој ни овозможува да се препознаеме во туѓите приказни, да ги разбереме сопствените стравови и слабости и да почувствуваме дека не сме сами. Уметноста има длабока улога во нашите животи и не смее да се создава само за да постои, туку за да комуницира, да отвора прашања и да остава трага. За жал, живееме во средина во која често се повикуваме на потребата од нов, храбар и современ театар, но кога таквиот театар навистина ќе се појави, неретко ни станува премногу брутален, премногу агресивен или едноставно премногу различен од она на што сме навикнати. Со години сме навикнувани на брз, комерцијален и површен театар, кој лесно се консумира и уште полесно се заборава веднаш штом ќе излеземе од салата. Таквиот театар често нуди моментална забава, но ретко остава простор за преиспитување или за подлабоко емотивно искуство. Затоа, кога ќе се појави претстава што бара да бидеме активни гледачи, што нè соочува со непријатни вистини и нè оттурнува од зоната на комфорот, ја доживуваме како многу радикална. А токму различноста, ризикот и подготвеноста да се преиспитуваат воспоставените норми се суштината на живата театарска уметност – вели Тамара.
Според неа не треба да создаваме мртов театар, театар кој служи само за моментална консумација и исчезнува во истиот миг кога ќе се спушти завесата.
– Верувам во жив театар, театар кој продолжува да живее и по претставата, во мислите, во чувствата и во разговорите на публиката. Театар кој остава трага, кој не остава рамнодушност и кој има моќ да нè промени, макар и за нијанса. Храброста во театарот не е во провокацијата сама по себе, туку во искреноста. Таа живее во актерите, во световите што ги создаваат режисерите и во посветеноста на сите нивни соработници. Вистината во театарот започнува уште во самиот процес. Имаме одговорна професија во која работиме со емоции, со живи луѓе, со нивната ранливост и чувствителност, а потоа таа енергија ја пренесуваме и на публиката. Затоа, одговорноста што ја носиме не е само уметничка, туку и човечка. Верувам дека современиот театар не треба да нуди едноставни одговори, туку да поставува суштински прашања. Не треба да нè успива, туку да нè разбуди. Да нè натера да се соочиме со себеси, со другите и со времето во кое живееме. Затоа, за мене, современиот театар не е прашање на форма или естетика, туку прашање на вистина, одговорност и човечност – смета режисерката Стојаноска.
![]()

