Сандокан од Тризла со жена, 7 деца и внучиња!

Живот: Педесет години горд на прекарот

Опстанал преку продажба на лижалчиња, семки, сончоглед…

Доволно е да се спомне само Сандокан и за прилепчаните јасно е за кого станува збор, за славниот продавач на лижалчиња, семки, сончоглед и други прехранбени производи и разни играчки. Тој е продавач пред разни институции и објекти, како училишта, спортски клубови, стадиони, игралишта, сали… Сите знаат за кој е Сандокан од Тризла, а светот го знае Сандокан, филмски лик од пред точно 50 години, кога тој главен лик беше толкуван од Индиецот Кабир Беди, сега 80-годишен пензионер. На сето ова да се присетиме заслужен е прилепскиот Сандокан

– Раим Садикоски сум. Тоа име и презимето ретко кој ги знае, бидејќи сите ме викаат Сандокан веќе половина век. Имам 75 години, а тогаш бев на 25. Можеби изгледам помлад, ама се трудам да сум ведар и секаде расположен за живот – ни рече Раим.

Долго време живее во демократијава. А живеел и во социјализмот, во “Титовото време”, кога му имал предавано рапорт баш на Тито, Јосип Броз Тито додека служел во ЈНА во Белград, во 1971 година. Со гордост се навраќа и на воените вежби во кои бил вклучен, тука во Прилеп. Не одбил повик кога било најтешко за одбрана на државава.

– Им помагав на сите воени лица горе, други доброволци немаше, а во мене имаа голема доверба. Секаде сум бил, сум помагал за Македонија, не дај Боже, пак да има нешто ќе помагам. Поспособен од мене човек нема да има. Чесен, најчесен, ама за возврат ништо не сум добил. И на 75 години не сум пензионер. Добивам скромна социјална помош. Сум заслужил и повеќе, ама… Седум деца имаме, сите женети, мажени, со внучиња. Скоро сите башка живеат, дури и во странство. Јас сум со сопругата и три внучиња – две девојчиња и едно машко кажува – Садикоски.

Открива дека е верник во Бог. Па може ли поинаку да се опстане во животот, ако нема Бог? Никој ни државата, ни некоја институција, ни некој роднина, никој не застанл зад него. Цел живот бил сам оставен да продава лижалжиња, семки… И опстанал. Создали семејство, сопруга, деца, внучиња. Сите се згрижени. Чудо! За него тоа е доказ дека постои Бог, совршен и праведен на овој свет. Бог кој помага таму каде што сите откажале.

– Верник сум. Сакам мир, правда, да живеам со сите. Сакам и животни, како фазани, пауни, гулаби, кокошки, дури и желки. Хоби ми се гулабите. Дадов околу 6.000 евра, има од 100 евра, 150, 500, а најскапите се околу 7-8.000 евра вртачите, Сакам секакви животни. Ги хранам. Негувам две кучиња. И други животни сакам. Сум купувал за огромни пари, а сум ги давал така бесплатно, подарок. Ги дадов по битолските села, оти таму се сите луѓе што ги сакам, другари. Многу сакам пријателства – кажува Садикоски.

Прекарот Сандокан го прифатил. Не се лутел, туку го слушал кога така му се обраќале со мерак и задоволство. Така го знаат и стари и млади. Никој не го заборава каде и да се појави. Најмногу промет правел на дерби-мечевите, натпреварите кога Победа играла со 11 Октомври, Вардар, Пелистер, Брегалница, Беласица, ОФК Београд каде се собирале редовно по десетина илјади гледачи, некогаш и до 15 илјади. Се секава на преубавио амбиент, а и на печалба од продажбата.

– Пол беше стадионот. Имаше одушевување за играта, головите. Сите скокаа, па и јас со нив. Од радост за победата гратис, бесплатно им давав лижалчиња. Сé се продаваше. Не гледав само на парите, гледав и да се израдувам. Такам давав џабе. На дерби одев на стадионот многу рано. Ме пуштаа. Зафаќав место совреме. Имаше ред, милиција, домаќини луѓе. Кога Победа ќе постигнеше гол, тоа беше еуфорија, скокање, радост. И народот викаше, Сандокан, Сандокан… Имаше некои кои од радост вадеа пари и плаќаа за сето што сум го дал. Таков беше еден Драшко плочкарот – вели Садикоски.

И која му е неостварена желба.

– Скоро сите желби ми се оствариле досега. Уште да ми помогне државата за игралиште да направиме за децата, тоа е. Местото е надвор од градов, кај споменикот Дабница. Сакам таму да се изгради забавен парк за сите деца, ем да играат, ем да остане за спомен од мене. За вртелешки, за такви забавни реквизити, детски игри, за разонода, занимавање. Ми треба документ со кој ќе се поддржи градбата на забавен парк. Околу 4 декари место е за ромските деца. Ромите немаат никаква забава, затоа е оваа идеја – вели Раим Садикоски – Сандокан.

Меси е најдобар!

– Го гледам и Светсково првенство сега. Навивам за подобриот. Имам играчки со Меси. Оние што ги викаме “фудбалчиња”. На нив е сликата од Меси. Го ценам како број 1 фудбалер во светот.

Немам мобилен телефон

Раим е редок човек без мобилен.

– Некогаш сум бил како матичар, знаев напамет многу броеви од телефоните на роднини, пријатели. С немам мобилен телефон. Според мене, телефонот служи и за нечесни работи, за шпиунажа, за предавства и сл. Без него ќе живеам во иднина. Сакам мирен живот, мир – завршува Садикоски.

Во Турција 113 пати

– Одам во странство по ден, два и се враќам. Имам роднини, пријатели, некогаш и кај децата. Се трудам да не им тежам многу, иако на раце ме чекаат. А Турција сум бил 113 пати. Цела Европа сум ја прошетал, Германија, Австрија… Странство само ако имам потреба – вели Сандокан

Loading