Во ликовната галерија на КИЦ Тирана во Албанија, отворена е самостојната изложба „Живи артефакти – Трансенденција” на нашиот академски мултимедијален уметник Филип Јовески. Проектот „Трансценденција” е трет дел од циклусот „Живи артефакти” и е логично визуелно и концептуално продолжение на првонаградените мултимедијални дела на изданието Остен Биенале 2024 и на проектот „АРтистика” од 2025 година.
„Во конципирањето на циклусот, авторот останува доследен на постулатите воспоставени во претходните етапи, при што како примарен обединувачки елемент на трилогијата се издвојува фузијата на традиционалниот сликарски израз со дигиталната сфера преку аугментираната реалност. Покрај оваа интермедијална верига, Јовески ѝ останува верен на својата определба: есенцијалната инспирација и ликовниот мотив да ги црпи од македонското народно творештво. Земајќи ги како почетна точка препознатливите обрасци и колоритот на ткаенините и везовите, тој им вдахнува нова, специфична ликовност, врежувајќи го во нив својот автентичен авторски печат. Идејните премиси што Јовески ги заговара уште во претходните остварувања, во „Трансценденција” добиваат уште посилна и појасна артикулација. Со изборот на геометриската апстракција како стожерна тематика, а цртежот како примарно ликовно средство, првичниот впечаток пред овие дела е нагласениот рационализам во нивната структурална изградба. Сепак, целосната естетска и семантичка смисла може да се долови само доколку композициите се перципираат интегрално и во строго дефиниран редослед. Преку ваквото континуирано набљудување станува евидентна еволуцијата на творечката мисла, манифестирана како во композициски, така и во хроматски контекст”. – забележува Александар Василески, доктор по хуманистички науки од полето на историја на уметноста и археологија и куратор на проектот.
„Живите” артефакти претставуваат код, симбол и дестилација на надредени концепти и идеи, направени врз основа на лично искуство на авторот во областа на визуелните уметности, архитектурата, културното наследство, скулптурата, анимацијата и видео уметноста, отелотворени во различни медиуми (класични и дигитален) и претставени со помош на АР (аугментирана реалност) технологии. Отворањето на изложбата во Тирана е поддржано од Министерство за култура и туризам.
М-р Филип Јовески е наградуван мултимедијален трансдисциплинарен визуелен уметник. Има остварено уметнички студиски престои во Германија, Русија, Чешка и Англија. Реализирал самостојни изложби во Германија, Грција, Србија и С. Македонија, и учествувал на повеќе интернационални групни изложби и проекти.
![]()

