Поетесата и писателка Божана Тренческа, член на Клубот на литературни творци Прилеп, се закити со грст награди на повеќе поетски манифестации во змејава, меѓу кои Бронзена диплома од манифестацијата „ 12 тивки ѕвезди 1943”, каде се потенцира дека нејзиниот поетски збор е вреден, дека е тивка светлина што зборува за човечноста, за сеќавањата и духовната убавина, за освоените трети места на манифестациите „5 Меморијален награден конкурс „Ристо Јованов – Малец” и 11-та меѓународна поетска манифестација „Охридски пеотски бисер”.
Тренческа, која долги години твори, и зад неа се неколку романи, збирки, неизмерно среќна, вели дека да се пишува значи да се живее.
– Со секоја новоиздадена книга имам чувство како да сум го освоила нависокиот врв на земјата, а тука се и дружбите со членовите од клубот. Преку пишаниот збор се остваруваат моите соништата, а тоа трае многу долго, уште од училишните клупи. Повеќето мои напишани дела се прозни, а многу пишувам и поезија. Поезијата се пишува во мигот кога ќе ми дојде мислата, или како што знам да речам поезијата е украден миг од вечноста за да трае и трае, додека прозата бара многу време и убаво сработена приказна. Моите прозни дела често се од вистински настани со многу убави описи на личностите и настаните што ги прави примамливи за читателите. А, наградите се обично за поезија или кратки раскази , и се неми сведоштва за напишаното и без разлика дали е прва, втора или трета награда подеднакво ми се мили и дргаи. Моето мото е: „секој учесник на манифестациите е победник” – вели Божана Тренческа.
![]()

