Пензионерите во Врњачка бања
На почетокот на месецот, пензионерите на прилепското здружение изведоа екскурзија за која како што рекоа тие по враќањето, долго ќе ја паметат.
Во организација на Комисијата за рекреација и одмор при Зружението на пензионерите Прилеп, вкупно 104 членови со два автобуса беа гости и секако добро пречекани од домаќините на убавото и добро познато туристичко место, Врњачка бања.

– На членовите од ова наше здружение не им е првпат да ја посетат Врњачка Бања. Во овој град, во ова прекрасно место нашите членови на КУД „Пензионер” престојуваа и одржаа музички концерт заедно со пејачката група од овдешното пензионерско друштво. Ние од поодамна имаме добра соработка. Овојпат пензионерите покажаа интерес за посета на Врњачка Бања и ние како Комисија им ја исполнивме. Големо беше задоволството на сите наши членови од оваа дводневна екскурзија за која дел за средствата за патоувањето партиципираше Здружението од Прилеп. Најпрво го посетивме и престојувавме во Предејане, па Трстеник, а посебно учесниците на оваа ексурзија беа задоволни од одличните услови на сместувањето во хотелот во Врњачка Бања. Големо беше воодушевувањето на нашите екскурзијанти од убаво уредените патеки, прекрасните цвеќиња покрај нив, а посебно во занесниот мирис на липите во ова прекрасно туристичко место – вели Стеван Попоски, претседател на комисијата за рекреација и одмор.

Посебно доживување за пензионерите кои беа на дводневната екскурзија во соседна Србија, била посетата на манастирот Љубостиња со црквата успение на Пресвета Богородица. Овој манастир бил задужбина на кнегињата Милица, сопругата на српскиот кнез Лазар. Од посетата во овој манастир посетителите дознале повеќе интересни работи, како што е изградбата, па монашкиот живот во истиот и уште многу други интересни за манастирскиот живот случки во минатото и сега. Посебен интерес побудила и посетата на градот Крушевац и посетата на постановката на Народниот национален музеј во овој град кој е познат по кнезот Лазар, а посебно во винските полиња и познатата винарија Рубин.
К.Р.
![]()

