Даниел Мелвил Македонска рапсодија 127

Ама во татковската душа се собираа горчина и болка. Малечката како тоа да го погодуваше, уште повеќе се забавуваше, предизвикуваше со задникот, со градите што сé повеќе и растеа, со гледање од високо и со навредливо однесување на стопан спрема слуга. Васил беше жртвата, но после разговорот со татка му ништо не можеше повеќе да го налути или да го навреди. На училиште беше еден од првите ученици.

Децата растеа. И, еден ден… колцето! 19 години! Васил го славеше 19-тиот роденден. Страшо не беше дома. Го носеше стопанот со колата на аеродромот. Васил покани дома некои пријатели.

Кога Страшо се врати осети дека нешто не е во ред.

– Што има синко? Што се случило?

– Пак нешто зафркава Елизабета.

– Што измислила овојпат?

– Поканив другари, а таа дојде, се развика дека сме пречеле, дека креваме врева и другарите си отидоа. Всушност, никому со ништо не му пречевме.

Страшна лутина го обзеде татко му. Со години малечката змија измислува слични работи. А тој страдаше и молчеше. Не сакаше неговите деца тоа да го забележат. Во прашање беше лебот, а особно децата. Ги одгледуваше сам. Работното место му конвенираше. Му дозволуваше со нив да се окупира, а и станот и платата не му беа лоши.

После вечерата го собра “семејниот совет”.

– Деца, мислам дека е време да се вратиме во Стариот Крај. Пораснавте. Би сакал школувањето да го продолжите кај нас. Со нашиот јазик, меѓу нашите. Васил веќе треба да оди на факултет. Не сакам да ве терам со сила. Сакам да знам што сакате, да си одиме таму или не? Ќе сториме како што сакате.

Лиле и Бисерка молчеа и го гледаа Васила. Тој им беше втор татко. Васил рече:

– Ако сакаш да си одиме таму, татко, тогаш, одиме. Како што сакаш. Мене веќе ми е доста од ова овде. Дома веќе сите имаме другари што ги запознавме на распустот таму. Имаме заштедено некоја пара. Таму би можеле да изградиме и куќичка. Место веќе купивме.

– А вие?, се сврти Страшо на кај ќерки те.

– Да се вратиме, му одговорија двете.

Колцето… Сепак се врти. Погледот уште му скиташе кон југ, но повеќе не можеше да ги види едрилиците, нити оџаците од бродот полн со туристи. Очите му летнаа подалеку, кон исток, и оттаму кон југ. Се загледа во зрелите смокви на дрвјата и во бранувањето на вжештениот воздух над герамидите од покривите на куќите. Стариот Крај! Колцето… На 19-тиот роденден од неговиот син, Страшо беше сам дома. Имаше слободен ден. Стопанот беше на пат, а стопанската отиде кај некоја нејзина пријателка со колата. Дојде каприциозната Елизабета. Речиси гола. Нејзините долги руси коси беа собрани и врзани во форма на коњска опашка, а огромните модри очи чудно го гледаа. На дебелите усни, како секогаш, имаше нешто лакомо, ненаситно. Предизвикувачки задник, дрски гради. Всушност беше привлечна, па дури и многу убава.

Очите од Страшо блеснаа, станаа остри, врвлести како игли и ги закова во модрилото од оние од девојката. Рече:

– Роден сум во една мала земја што се вика Македонија…

– Знам, го прекина со извесно предизвикување девојката, седнувајќи карши него и вкрстувајќи ги нозете при што речиси сосема ги откри.

Како ништо да не чул нити забележал, Страшо продолжи:

– И денеска таму селанките, но многу помалку отколку во минатото, се облекуваат во убави шарени носии, накитени со сребрени, а понекогаш и со златни пари. Последниве понекогаш се-на-се тежат дури повеќе и од 10 кила. Тоа е миразот од тие девојки. Го покажуваат пред сите. Времињата се менуваат и девојките покажуваат други богатства што се нивни како нозете, бутовите, градите… За нашите селанки, а и граѓанки, тоа покажување на убавината на телото е во извесна смисла продолжување на традицијата на носењето и покажувањето врз себе на богатството, миразот. Природна работа, убавина во која уживаат очите на мажите, дури и на старите. Зошто да се крие убавината? Но, кај вас, случајот е друг. Не е во прашање традиција, природа, туку безобразен предизвик, навредливо, агресивно. Тоа е нешто сосема друго од кажаното за нашите селанки…

 (продолжува)

Loading