На 9 и 10 јули (четврток и петок) од 20 часот на Сцена 105, во Центарот за култура „Марко Цепенков“, ќе биде изведена претставата „ПОВИК“. Автор и режија: Јован Ристовски, костимограф: Марта Дојчиновска. Во претставата играат: Марија Стефановска, Катерина Аневска, Николе Стефанов, Маја Андоновска Илијевски, Наталија Ристеска и Марија Талеска – Бабар.
„Повик“ е приказна за современиот уметник, раскажана низ судбината на една млада сликарка која се обидува да ја пронајде вистината во свет во кој уметноста сè почесто станува производ, нарачка и кич. Претставата отвора прашања за изгубениот идентитет, за судирот меѓу личниот интегритет и очекувањата на општеството, како и за конфликтот помеѓу слободното творештво и системите што настојуваат да го обликуваат човекот. Нејзината борба не е само професионална – таа е борба да остане човек, да не го изгуби сопствениот глас и да остане верна на својата интуиција.
Но ова не е приказна за поразот. Ова е приказна за можноста повторно да се роди уметноста. За надежта дека, и покрај политичките, економските и општествените притисоци, човекот сè уште може да ја избере вистината, слободата и автентичноста. Инспирирана од научните трудови на Карл Густав Јунг, претставата ги истражува архетиповите, сенката и процесот на лична трансформација, отворајќи силни прашања за индивидуалниот и колективниот идентитет. Воедно, ова е и омаж на жените – на нивната сила, мудрост и способност да создаваат, обновуваат и менуваат, затоа што секоја вистинска преродба започнува со храброста гласно да се изговори вистината. Низ претставата одекнува една силна мисла – „НИЕ МОЛЧИМЕ.“
Театарската претстава е независен проект, поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хеартефацт Фунд. Претставата е дополнително поддржана од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ Нортх Мацедониа). Партнер и логистичка поддршка е НУ Центар за култура – Битола.
Влезот е слободен. Влезниците можат да се подигнат од билетарницата од Центарот за култура на: 9 јули од 10 до 12 часот и од 18 до 20 часот, и на 10 јули од 18 до 20 часот.

![]()


