Со Фезлиев „лесно” се пронајдов

Димитар Ѓорѓиевски, добитник на наградата за главна машка улога на МТФ „Војдан Чернодрински”

Актерот Димитар Ѓорѓиевски, за улогата на „Фезлиев” во претставата „Црнила” во режија на Дејан Пројковски, ја доби нагрдата за главна машка улога „Кирил Ристоски” на годинашниот јубилеен фестивал”Војдан Чернодрински”. Тоа беше поводот за кус разговор со него.

Што значи наградата на МТФ за актер кој е етаблиран не само на својата сцена туку и на останатите сцени?

Па не сум нешто посебно етаблиран на другите сцени, да си бидеме искрени. А, наградата многу значи. Прво, ја доживувам како показател дека нешто добро сум сработил во минатиот период и некој тоа го препознал, го признава и го вреднува. Второ, ми ја враќа самодовербата која кај нас актерите секогаш е нежна и полна со себепреиспитувања. Трето, ми е ќеф.

Признанието е за ликот Фезлиев во „Црнила”. Беше ли предизвик да се игра овој лик?

Да, беше предизвик. Одговоров може звучи предвидливо, ама секој лик си е предизвик на свој начин. Со некој побрзо си доаѓаш на едно, се некој поспоро, со некој успеваш, со некој не, со некој делимично. Ете, со Фезлиев се најдовме брзо и лесно. Успеав да си најдам некои заднички карактеристики со ликот и одеше лесно. Дополнително олеснување донесе партнерството со колегите актери со кои соработката одеше како што може човек само да посака.

За соработката со режисерот и екипата?

Како што само може да се посака. Фантастична екипа, партнери, колеги, браќа, соборци. Сите. Не само актерите и режисерот, туку и техничката и продукциската екипа. Драматургот, сценската техника, тонецот, светло мајсторот, реквизитерот, гардероберот, костимографот, сценографот, композиторот, шминкерката. Режисер кој те води сигурно, има фантастични идеи и ти верува. Партнери на сцена кои те поддржуваат и те полнат.

Што посакува актерот Димитар?

Радости. Многу радости. И приватно и професионално. Да го најдуваме ќефот во работата и во работите. Оти го има, ама понекогаш го подзабораваме.

Loading