Изложба
Во Македонскиот културно – информативен центар во Софија отворена е ликовната изложба на младиот македонски уметник Давид Атанасоски од Прилеп, насловена „Трансформации на структурата од картон кон форма”.
Изложбата е составена од дваесетина дела, колажи од фотографии од претходно создадени објекти од картон. Атанасоски објаснува дека во овој циклус, елементите преземени од претходно реализирани скулпторски дела се издвоени од нивниот изворен контекст и организирани во нови композициски целини.
– Циклусот претставува своевиден дијалог со сопственото творештво. Веќе реализираните скулпторски форми не се третираат како завршени објекти, туку како отворен визуелен материјал подложен на нови интерпретации. Процесот на колажирање станува чин на деконструкција и реконструкција, во кој фрагментот престанува да биде остаток од претходна целина и се преобразува во автономен носител на значење – вели уметникот Давид Атанасоски.
Давид Атанасоски е роден во Прилеп 1995 година. Во 2018 година завршува ФЛУ во Скопје, вајарство со конзервација и реставрација. Член е на меѓународната организација за уметност и култура Нарративе Мовементс. Досега бележи 9 самостојни изложби и учество на групни изложби во Македонија и во други земји: Њујорк (САД), Гонгју-си (Република Кореја) и Чонџу (Република Кореја).
![]()


