Даниел Мелвил Македонскa рапсодија 126

Животот е како колце што непрекинато се врти

Една народна поговоркаа од татковината дефинира дијалектика на животот. Но Страхил Дојчинов, наречен Страшо, знаеше дека таа поговорка во слични варијанти постои кај многу други народи. “Колце, колцето на животот… Она што е долу, се качува, она што е горе, слегува”.

Погледот му скиташе. Над пламнатите бранови под златното сонце, спортски едрилки во молк ја сечеа водата. Во далечината се гледаат оџаците од брод полн со туристи, викендџии. Чкрапаа фотоапарати и се голтаа калории во бродскиот ресторан. Југот… југот… далеку е нашиот југ!

Како  беше онаа со колцето што се врти? Можно ли е дека мина толку време оттогаш? 10 години! 10 долги и тешки години! Долго време чувствуваше дека го изневерува неговата млада жена. Молчеше, поради трите деца. Негови, барем во тоа беше сигурен. Малечки, кои требаше да се изведат на правиот пат. Сепак еден ден таа побегна. Го остави сам во туѓина, со три деца. Најстариот, Васил, имаше десет години. Сега има 20!

Колце, животот е колце. Еден ден жената му се врати. Разочарана. Без илузии. Но, разводот веќе одамна беше пресуден. Судот нему му ги даде децата на чување. Работеше ноќе со џебно фенерче на градите и револвер на појасот. Униформа. Мотоцикл. Снег, мраз, дожд, полна месечина и тој, “плеј-бој”, лилјак, осамен со мислите во темни и некогаш опасни катчиња на мегалополлисот. Дење тешко спиеше. Шумната улица му пееше успивки. Децата растеа. Одеа низ станот на прсти да не го разбудат татко им кого го обожуваа. Едната беше Лилјана, која ја викаа Лиле, а другата Бисера, нагалено, Бисерка. Се будеше околу пладне, правеше на брзина ручек за децата и за себе. Додека беа на училиште, ги крпеше нивните алишта, переше, пеглаше, го чистеше станот. Ех, колце…! Иако не влијаеше на децата, за мајката малку им зборуваше. Тие ја знаеа вистината. Кога таа се врати, не сакаа да живее со нив. Таа ја снема. “Сигурно пак има најдено некого”, претпоставуваше Страшо. Најстариот, Васил, имаше развиено чувство на одговорност спрема сестрите. Му помагаше на татка си. Четворицата беа секогаш солидарни. Ништо не криеа меѓу себе. Сите го знаеа татковиот мајчин јазик, дури знаеа да читаат и да пишуваат со кирилско писмо. Им порачуваше книги од татковината. Се радуваа на денот кога таму ќе се вратат, оти татко им често им зборуваше. Во тие моменти очите му блескаа од задоволство. Се трудеше да им ја опише вистината за несреќната, заостаната земја. Сакаше да не им создава лажна слика, што, кога ја откријат и кога ќе се вратат, многу ќе ги разочара и ќе зажалат што ја напуштиле големата модерна земја. Децата чувствуваа дека овде луѓето не ги сметаа како свои. Тоа ги навредуваше. Васил повеќепати мораше да се тепа со други деца за да го брани достоинство на навреден странец. Во тепачките беше сам. И другите деца го напаѓаа заедно. Ударите не го болеа, туку зборовите што се велеа во Стариот Крај – “Јазикот коски нема, ама коски крши”!

Го стегаше Страшо ременот и ги праќаше децата повеќе пати преку лете на одмор во Стариот Крај кај некој подалечен роднина. Тој не можеше со нив да оди. Не беше можно да ја напушти работата два-три месеци. Требаше да се плати киријата, осигурувања и што не. И цената за патувањето е доста висока. Ех, нема крај на тие давачки и трошоци!

Во меѓувреме најде работа кај еден милионер како приватен возач и едновремено чувар, телохранител. Возеше Ролсови, Кадилаци. Под левото рамо, во фуреола му висеше Колт калибар 38 да го чува стопанот. “Богатите луѓе се богати и со непријатели”, мислешесо одвај забележлива насмевка на треперливата уста. Требаше да го носи детето од стопанот на училиште и да го варди. Има доста киднапирања! Да се биде приватен возач, значи да  имаш нерви дебели како ортома. Страшо располагаше со такви нерви. Со векови во крвта на луѓе како него се таложело трпението. Додека сопругата од стопанот играше карти кај пријатели во палати од мермер, седеше во колата и читаше книги и весници до полноќ, а и подоцна. Децата му спиеа во куќичката во огромната градина од стопанот полна со цвеќиња, со ежови, со дрвја како во шума и со еден голем син базен за капење. Не им беше многу лошо во однос на станот и јадењето. Работата добро му одеше. Не се јави потреба да го вади револверот, ама мораше редовно да вежба гаѓање во подземното стрелалиште од стопанот “да биде во добра кондиција”. Проблем беше ќерката од стопанот. Стара беше колку и син му Васил. Од чупе на 12 години беше убава, руса, висока, со агресивен задник. Надуено дете со полн стомак. Се гледаше дека бара мажи. Седнуваше со раширени нозе и без срам ги покажуваше така белите гаќички и за нејзините години доста развиени бутови. Го мачеше и го тормозеше Васила. Го третираше како слуга и го тераше од друштвото. Васил не ги разбираше добро тие работи, а татко му сакаше да го заштити од комплекси и од трауми. Еднаш му рече: “Ние не сме богати, ама да не се биде богат нити е срамно нити е некаков грев. Најголемото богатство го носиме во главата. Бори се за тоа богатство, оти него никој не може да ти го земи. Тоа е најважното. Гол да си, каде и да си, тоа богатство е со тебе. Животот е како колце што постојано се врти. Она што е долу, се качува горе, а она што било горе, слегува долу. Дали разбираш што сакам да ти кажам?”. “Да, татко”.

 (продолжува)

Loading