Рамон Барбоса, поранешен фудбалер и прилепски зет
На најгорниот кат на зградата Македонија во Прилеп се вее бразилско знаме, додека се играат натпреварите на светското фудбалско првенство во САД, Мексико и Канада. Веќе една година таму живее семејството на нашиот сограѓанин Рамон Барбоса. Тој е поранешен фудбалер во повеќе клубови на Балканот, во Хрватска, Унгарија, а дел од фудбалскта кариера ја минал во Победа. Но, заминал поради неорганизираност на клубот и повреда, поради која морал да се откаже од големите фудбалски мечти.
На возраст од 33 години тој е сопруг на прилечанката Марија и татко на седумгодишната Наоми и двегодишниот Лоренцо. Латино американскиот темперамент го пренесува на сите членови од семејството. Така, сите се страстни фанови на бразилската репрезентација. На последниот кат е празник во јужно американски стил кога играат препознатливите Кариоки во жолти дресови, наследниците на легендарните Пеле, Марадона и многу други Бразилци, како сегашниот Неимар, кој е на залезот од фудбалскот век. Од најмалиот, кој уште не знае што е фудбал, сепак ги следи гестовите на родителите, до најголемиот, облечени во националните бои, знамиња, дресови и други реквизити и транспаренти гласно навиваат и ги бодрат своите миленици. Се радуваат и коментираат за успешните акции, жалаат за пропуштените шанси, ги осудуваат лошите потези со свирежи или доживуваат кулминација од среќа при подстигнувањето на погодок на бразилските репрезентативци.





– Бразалците се заразени со фудбал. Традиција е, додека се игра светскиот фудбалски куп, да се поставуваат знамиња на семејните балкони и терасите и на други објекти, дури и да се обојува дел од асфалтот со националните бои. Секои четири години градовите се декорираат со многу национални обележја во знак на поддршка на фудбалерите и како симбол на патриотизам и љубов кон сопствената држава. Китењето во жолто-зелен колорит претставува израз на родољубие. Во големите градови е метеж, додека се игра Светското. Масовно се следат мечевите под отворено небо. Се поддржуваат своите со овации или гласни изрази за негодување за пропуштените прилики. Се слават победите до степен на делириум, а поразите се жалаат со солзи. Бразилците се “задоени” со фудбал, од бебиња до старци. Иако некои овој спорт го смеаат за најспоредна, а популарна “работа”, сепак во Бразил фудбалот е неделиво парче од животот – кажува Рамон.
Според него, бразилскиот фудбал е повеќе индивидуален, а помалку колективен. Тоа е слабост. Нема компактност. Составот не е како некогаш. Прогнозира дека неговите миленици ќе стигнат најмалку до полуфиналето.
На Барбоса му се допаѓа животот во Прилеп, после динамиката во која бил изложен неколку години во Скопје. Овде му е тивко, мирно, се живее лесно, спокојно сé му е на дофата, блиску… Се чувстува безбедно и тој и семејството. Едноставно, Прилеп постепено му легнува на душата. Жали за статусот на Победи, макар што не следел ниту еден меч од последното првенство на прилепскиот лигаш со долга традиција и историја.
Денот го почнува со доручек и фитнес вежби во сала, а потоа се оддава на он лајн работата дома за американса компанија како диспечер за транспорт, заедно со сопругата која работи за германска фирма.
Додека се прилагодува на тивката помалку здодевна локална атмосфера и го совладува македонскиот јазик со прилепски дијалект, “че”, со мајтапи и курназлаци, кажува дека не му се проблем пеколните лета. Тешко му паѓаат кочан зимите во континенталната земја, Македонија. Зашто температурите никогаш не се под нулата во земјата од каде што потекнува. Во домот се негуваат и слават македонски и бразилски празници и обичаи. Му се бендисува вртењето на мазникот за Василица и кршењето на лепче за Бадник.
– Преферирам бурек и чорба овде. Ги открив полнетите пиперки. Вкусно ми е прилепското гравче-тавче. Си ги лижам прстите. Вкусно е, ама недоволно е застапено месото во споредба со Бразил. Таму многу се консумира пилешко и јунешко месо, гарнирани со национални додатоци и мерудии. А овде храната е ориентирана повеќе како за вегани. Помалку месо, повеќе зеленчук. Ми недостасуваат некои бразилски јадења. Секако и традиционалната музика, семејството и пријателите кои ги гледам само на видеоповик – вели Бразилезот Рамон.
Родум е од Сао Паоло. Бил еден од 20 милиони жители. Дојден е во Македонија пред 9 години преку фудбалски трансфер од Хрватска. По Победа, а заминал во татковината. Љубовта кон Марија го вратила во 2018 во Скопје. Бил изненаден за коректноста на македонските жени. Ги доживува како силни, вредни кои жестоко се борат за семејствата и остварување на соништата.
– Со сопругата стекнав многу пријатели. И нејзиното семејство не ме чувствува за туѓ, за странец. Немам многу свои другари – вели прилепскиот зет од Бразил.
Неодамна Рамон ги однесе децата, сопругата и бабата во Бразил да ја откријат културата, традицијата и бразилскиот ритам на живот.
![]()


