Сара Спиркоска, добитник на нагрдата за млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински”
Младата, но веќе етаблирана актерка, иако с еуште невработена, Сара Спиркоска, за улогата на Неда во претставата „Црнила” ја доби наградата за млада актерка, на штотуку завршениот МТФ „Војдан Чернодрински”.

Што значи добивањето по втор пат, наградата за млад актер?
Добивањето на наградата за млад актер, и тоа по втор пат претставува исклучителна чест и признание со особена тежина. Наградата ја доживувам како потврда дека мојата посветеност кон актерската уметност, мојата професионална зрелост и континуираниот стремеж кон уметничко надградување се препознаени и вреднувани. Особено ми значи што по првото признание во 2022 година, повторно имав можност да бидам дел од фестивалот, и тоа на неговото јубилејно шеесетто издание, настапувајќи со три различни театарски претстави. Самото присуство на фестивал од ваков ранг претставува значајно искуство, а добивањето на наградата му дава уште подлабока смисла и вредност. Признанијата не се само потврда за досегашниот творечки ангажман, туку и потсетник дека искрената посветеност, истрајноста и љубовта кон професијата оставаат трага и наоѓаат одек кај публиката и кај уметничката заедница. Секако, признанието носи и одредена одговорност. Но, не го чувствувам како притисок, туку како дополнителна мотивација да продолжам да работам со истата посветеност, да истражувам нови актерски предизвици и постојано да се усовршувам. Тоа ми дава сила и увереност дека вреди да се вложува во она што искрено го сакаш.
Колку беше предизвик да се игра ликот на Неда?
Ликот на Неда е исклучително комплексен и повеќеслоен актерски предизвик. Станува збор за лик со изразена внатрешна динамика, чии емоционални состојби и психолошки премрежја бараа темелна анализа и прецизен пристап во процесот на обликување. За мене беше од особена важност да навлезам во нејзиниот внатрешен свет, да ги разберам мотивите што ги одредуваат нејзините постапки и да ја изградам како автентична и уверлива. Дополнителен предизвик претставуваше одржувањето на континуитетот, емотивниот набој и фокусот меѓу сцените, во периодите кога ликот не беше присутен на сцена. Беше неопходно постојано да се одржува внатрешната линија на ликот, бидејќи со секое нејзино следно појавување емотивниот интензитет постепено се засилуваше и добиваше нова димензија. Токму таа континуирана внатрешна будност и концентрација беа клучни за доследно градење на нејзиниот развој низ претставата. Целиот процес, иако исклучително предизвикувачки, воедно беше и многу инспиративен и значаен за мојот актерски развој, бидејќи овозможи подлабоко истражување на емоционалните и психолошките слоеви на ликот.
За соработката со режисерот и колегите?
Не бев на првичниот избор за улогата на Неда. Во процесот влегов како замена за колешка која од оправдани причини не можеше да го доврши ангажманот, па затоа се приклучив малку подоцна. Сепак, имајќи предвид дека со прилепскиот ансамбл имам долга и континуирана соработка, веќе постои уиграност и меѓусебно разбирање, па не почувствував никаков притисок или заостанување. Напротив, како и секогаш, бев прифатена со доверба и отвореност од самиот почеток. Особено слободно се чувствував во процесот, затоа што бев водена од исклучителен професионалец како режисерот Дејан Пројковски, кој со својата прецизна визија и јасно поставени насоки создава простор за слободно актерско изразување. Таа доверба што ја добив ми овозможи да креирам без оптоварување и со целосна креативна слобода. Одамна немам почувствувано толку мирен, а истовремено толку продуктивен процес. Секој член на ансамблот го даваше својот максимум, што на крај резултираше со претстава која на театарот „Војдан Чернодрински” му донесе пет награди на фестивалот.
Изминатава година ви беше плодна, пет премиери на претстави со различен сензибилитет. Како го постигна тоа?
Изминатата година за мене навистина беше многу динамична и исполнета со проекти кои се апсолутно различни еден од друг. Имав пет премиери, од кои со три настапив на фестивалот: „Црнила” во режија на Дејан Пројковски, во продукција на театарот „Војдан Чернодрински” – Прилеп (Неда); и двете независни претстави кои беа дел од придружната програма на фестивалот: „Сина сенка” во режија на Тамара Стојаноска, во продукција на театар „Златен Елец” (Сузи Рајт, Лиа Бруно, Зои), како и „Драга Јелена Сергеевна” во режија на Шенај Мандак, во продукција на Хибрид, ФДУ и МНТ (Јелена Сергеевна). Лани ја одиграв и претставата „60 минути постари” во режија на Мартин Кочовски, на фестивалот ЕУРОКАЗ во Загреб, како и перформансот „Глумците пеат”, кој за мене претставуваше сосема поинакво искуство, бидејќи за прв пат имав можност да пеам придружена од цел оркестар. Секоја од овие претстави претставуваше предизвик на свој, различен начин — и токму таа различност ја сметам за највредна. Работата во различни естетики, жанрови и со различни режисерски пристапи бара постојано преиспитување, адаптација и уметничка отвореност, што за мене е особено инспиративно. Секоја од нив има силно влијание врз мојот актерски развој. Различноста во пристапите и процесите претставува вистинско богатство за еден актер. Работата на повеќе проекти истовремено, или влегувањето во нов процес веднаш по завршување на претходен, бара исклучителна посветеност, дисциплина и кондиција. Токму затоа, тоа е нешто што искрено си го посакувам и понатаму — да бидам дел од што е можно поразлични режисерски визии, да влегувам во нови и различни процеси и да продолжам да се надградувам преку таа разновидност на сценски искуства. Актерството, во таа смисла, за мене е постојано движење и постојана подготвеност за нов предизвик — како трчање долг, театарски маратон.
Што значи да си актер и тоа невработен?
Да се биде актер, а притоа да не се биде институционално вработен, значи да се живее во постојана неизвесност, односно без гарантиран континуитет на ангажмани и долгорочна професионална сигурност. Затоа пак, постои постојана отвореност кон нови професионални можности. Оваа состојба овозможува и поголема слобода и флексибилност, бидејќи актерот не е врзан за една институција и може да прифаќа различни улоги, соработки и уметнички проекти, што често придонесува за пошироко професионално искуство и креативен развој. Но, иако како невработени актери често се обидуваме да ја романтизираме оваа состојба и да најдеме причина дека не е толку тешка, со цел да ја задржиме мотивацијата, важно е отворено да се зборува за проблемот со невработеноста на актерите во Македонија. Државата мора да најде начин повеќе финансиски да ја поддржи културата во Македонија и да обезбеди нови работни места. Исто така, системот на вработување треба да се стави под лупа и да се проверат начините на кои се избираат кандидатите за вработување. Обесхрабрувачки е да се создава уметност во држава во која однапред се знае кој ќе биде избраниот кандидат. Парадоксално е да се биде еден од најангажираните и наградувани актери, а сепак да не ги исполнуваш критериумите за добивање работен статус. Непотизмот, личните интереси, како и принципот „услуга за услуга” при вработување мора да доживеат крај.
![]()


