Членките на Здружението за хуманитарна и социјална акција Преродба – чувари на традицијата
Кошула тенка, ленена, ткаена на разбој, небаре како онаа на Рациновата Ленка, стара150 години поседува пензионерката Цветанка Цветаноска (69). Таа својата материјална вредна оставина од својата баба ја чува грижливо, но и гордо ја покажа пред јавноста и членките на здружението за хуманитарна и социјална акција Преродба за прославата на 20 годишнината од постоење. Негувајќи ја традицијата, организираа изложба на етно експонати, ракотворби, слики и книги во фоајето на ЦК “Марко Цепенков”. Од богатата домашна ризница, членките од здружението ги претставија предметите и рачните изработки, стари повеќе од еден век.
– Кошулата е дел од носијата на мојата баба ми Љуба Митроска. Кога ја носела била млада невеста од Рид, од Скаклевци, а мажена во Селце. Носијата била градска од пред 150 години. Изработена е од ленено платно, везена, составена од три дела, долен дел, комбинезон и кошулата како наметка. Ја користеле како ноќница, за спиење – вели пензионерката Цветанка Цветаноска.




Кошулата од свекрвата ја зачувала нејзината мајка Спасија Јорданоска.
– Ја пронајдов во креденецот од мајка ми. Бев пресреќна. Се сеќавам дека мајка ми Спасија ја носеше пред 60 години за свадби, а за в поле имаше други алишта. Во Селце градски се носеле. Немале селска носија – вели Цветаноска.
Со љубов и трпение ги одржува старите алишта. Од време на време, ги пере, пегла и ги зацврстува да изгледаат убаво.
– Ќе им ги оставам работите на ќерка ми и внуките. Не ми паѓа на памет да ги продадам. Ме научи мајка ми да везам. Не вреди да се продадат за 500 денари.. Не се работат за еден ден, туку со труд со месеци. Ова е богатство го нема никаде – вели Цветаноска.
Жените од здружението се дружат, активни се во хуманитарни и социјални цели. Имаат пејачка секција. Празниците редовни ги одбележуваат според традиционалните обичаи.
20 ГОДИНИ ПРЕРОДБА
– Ние сме повозрасна генерација. Уште ги негуваме традиционалните вредности. Имам перничиња од пред сто години од мојата прабаба. Пет-шест генерации ги чуваме. Со изложбиве се потсетиме на претците и ги покажуваме на идните генерации. Идејата на здружението е да се негува изворната песна, облеката, обичаите – вели Лилјана Ѓорѓиоска, претседателка на Здружението за хуманитарна и социјална акција Преродба.
![]()


