ЏЕЗ ПЕЕЊЕТО МИ Е ВО ДУШАТА

Александра Трајческа, вокал

Како еден од женските вокали во Кросроуд блуз бенд, настапи на концертот „Жените во блузот” во проектот “Од нула до култура” на Камената бина. Зошто блуз, твоите омилени интерпретациии и дали жените се подобри од мажите?

Џезот, соулот и блузот се мојата прва и најголема љубов и  она што најмногу ми лежи на душа. Без лажна скромност ценам дека мошне солидно ја владеам и рок и поп музиката, па можам да кажам дека моите „учителки” и музички идоли пред с#, се Нина Симон и Тина Тарнер. И не, нема разлика дали е жена или маж блузер. Блузот е можеби најемотивниот музички правец кој ги опејува љубовните и животните страдања, но истовремено дава еден вид на олеснување и утеха. Тешко е, но ете тој на кој му е тешко сепак пее, за да си олесни себе си, но и на другите. Значи за блуз е потребна пред с# длабока емоција и готовност за соочување очи в очи со тешката судбина зачувувајќи ја желбата да се оди напред. 

Што за тебе е Кросроуд блуз бенд (повеќе од бенд)? Можеби семејство, колку години си со нив, што си научила од нив?

Доволно е само да кажам дека јас израснав со Крос Роад Блуз Бенд. Од дете, па до денес. Врвни музичари, со кои е лесно да си заедно, да се чувствуваш заштитено и од кои можеш многу нешта да научиш, и не само за музиката. Често го минуваме и приватното време заедно и се поддржуваме взаемно.

Разлика при интерпретација и изведба на авторски песни и учество во спот?

Изведбата на авторска песна и интерпретација на песна на друг автор се сосем различни искуства во кои јас уживам подеднакво, но на различен начин. При тоа единствено важен ми е квалитетот на песната. Таа мора да е оригинална како звук и како емоција, зашто комерцијалниот ефект никогаш не ми е примарен филтер при изборот. Моите авторски песни посебно кога текстот или музиката се мои, секогаш одразуваат дел од мојата личност и носат мој длабок печат и како такви ги чувствувам поблиски до себе и поискрени. Интерпретацијата на песни на други автори ми овозможува пак да уживам во можноста да бидам различни личности и на таков начин да го проширам и збогатам сопственото емоционално поле, т.е. да влезам во нечија туѓа кожа. Веројатно слично на актерите во театар кои за да бидат навистина добри актери, треба да умеат да влезат во туѓи чевли и да живеат туѓа судбина што е многу мотивирачки за еден уметник. Сепак останува примарна мојата цел дури и во тоа да ставам сопствен квалитетен печат, како што тоа беше случај со преработката во боса ритам на „Еден бакнеж” на Нина Спирова која одлично беше примена како од страна на публиката, радијата , така и од страна на етаблирани музички имиња од македонската сцена. Спотот пак, е сосем друга приказна. При неговата изработка воглавно се потпирам на советите на луѓето кои ги сметам за професионалци во областа на режијата.    

Боја на глас и образование, дали е академски образуван или едноставно талент или наследен фактор, кој друг пее во семејството?

Во семејствот сум првата која за животен избор ја има музиката, иако сите носат талент за различен тип на уметност. На сцена сум од 12 години, кога првите успешни чекори ги направив на Пинковите ѕвездички. Инаку, имам завршено основно музичко училиште (пијано и соло пеење) дури и се запишав во средното музичко училиште во Битола. За жал, се совпадна со времето на КОВИД-от што ја отежна многу формалната музичка наобразба и за кратко ме принуди да ја оставам на одредено време. Но, неформалната, во приватно училиште трае речиси 10 години. Моментално сум студентка на Музичката академија при УГД на студиската програма џез пеење, што е мојот базичен фах. Талент да, но тој никогаш сам по себе не е доволен. Со работата, најмногу се гради еден уметник. Имам богато искуство, засновано на многу работа. Почнувајќи од проектот „Бебули” со драгиот Марин Бабиќ , преку настапите и наградите на Макфест, Езерски Бисери, Перформер Македонија, Заблескај, ангажманите на крузери како вокал на интернационални бендови, долгогодишните настапи со Крос Роад Блуз Бенд, Боса Нова, мојот личен бенд со кој настапувам ширум Македонија, соработките со Роберт Саздов, Горан Трифуновски Пајак, Дамир Пух, Дамјан Пејчиноски, Јован Јованов, во поново време и со мојот ценет професор Сашо Поповски и конечно Битолскиот камерен оркестар ДИВА.  

Прилепската публика неодамна те виде и со две копозиции со битолската Дива, како стана дел и од кога започна успешната приказна, како се чувствуваш и идни настапи со нив?

Повеќе од 4 години настапувам со битолската ДИВА. Се случи со диригентот Владимир Димовски. Се запознавме на настап на фестивалот на евергрин музика  „Сонце за три светови” во Крушево во 2021 година. Таму настапував со една соло точка и во дует со Денис Димовски. Веројатно му се допадна мојата работа, ја добив поканата да се придружам на оркестарот. Потоа работите тргнаа сами. Соработуваме секогаш кога ќе ни се совпаднат агендите.

Желби, кого би сакала да го достигнеш?

Јас сум реална личност. Живеам во Македонија каде некој голем музички успех е тешко да се постигне заради незавидната ситуација со македонската музичка сцена која како и секоја друга уметност е потисната на маргините на општеството, а посебно кога станува збор за музика која не е чисто комерцијална или политички условена. Така што единственото нешто што го посакувам е јас да бидам задоволна од себе си и од тоа што сум го направила како свое дело. 

Планови во иднина?

Засега, освен на факултетот,   посветена сум на многу, многу работа врз нови авторски песни. Моментално работам врз три нови проекти, од кои еден е со член на добро познатата на македонската јавност, група Мизар.

Прилеп на културен и забавен план? Што бараат младите?

Со оглед на тоа дека подолго време живеам во Скопје, и дома доаѓам вообичаено само на неколку дена, не би била реална мојата проценка на тоа дали градот има добар културен и забавен живот. Можам да заклучам само дека алтернативната музика е многу слабо застапена и дека е навистина жално што Прилеп го нема веќе својот театар. Секогаш може и подобро,  и се надевам дека општинското раководство ќе направи многу за подобар културен живот за градот кој со децении  изнедрува едни од најдобрите писатели, поети, музичари и сликари,  и ќе им даде поддршка и шанса и на младите надежи да го остварат својот врв.

Вежба со 40 песни пред настап

Како се негува гласот, колку вежбаш, што смее или не смее да правиш?

Гласот, како и секој друг апарат се негува со часови секојдневно вежбање , но пред се со грижа за него. Александра не смее , а искрено и не сака, да се оддаде на пороци кои се мошне застапени кај нејзината генерација и мора да негува дисциплина и да развива одговорност. Дисциплина во учењето и работата. Ако сакате да прераснете во вистински музичар, секогаш мора да се натпреварувате со самиот себе и да бидете сериозен пред било која, било каква и било колку публика. Музичар кој држи до својата професионалност не излегува на сцена „колку да отпее”. Тој вежба и по 40 песни за поединечен настап, музички и текстуално, се грижи изгледот да му е соодветен на настанот, добро да е наспан, одморен пред настап и почитува време на проби и излегување на сцена. Тоа понекогаш бара многу откажувања од времето кое можеби би сакале да го минете со драги луѓе и приватни настани на кои би сакале да присуствувате, и не смее да биде важно дали сте болни или тажни, но тоа е жртвата на професијата која јас ја прифаќам. 

Loading