Падна во кома. Причината беше јасна. Наоколу имаше растурено неколку амбалажи од лекови што ги испила заедно со алкохол. Повикав кола за брза помош. Не помогна. И го измија стомакот на несреќната девојка, се обидоа и со други средства, ама живот í згасна како пламен од свеќа што догорела.
Ние, неколку Македонци, и персоналот од болницата, собравме пари за погребот. Кога се враќав со колата од закопот, ми идеше да се удирам со тупаници по главата. Зар не можев да ја спасам Фатима? Ме плашеше голема разлика во годините. Та што ако имаше толкава разлика? Јас бев уште млад, во најсилните години на човечкиот живот. Ќе си имав сопруга што ме разбира и што ќе ја разбирав како земјаци. Ќе имав мајка за моето посвоено дете. Ќе ми родеше и таа деца. Ќе направев некоја глупост да ми паднеше в раце егоистот кој ја напуштил, оти не сакала да ја даде честа и со тоа да го негира домашното воспитание. Ептен бев лут. Кога се вратив во станот, седнав да разгледам некои заеднички фотографии со покојната. Три човечки креатури, секоја со својата судбоносна дилема. Мојата во однос на Фатима, во однос на можноста да í предложам брак. Веројатно ќе се согласеше, оти во последното време имав чувство дека почна да ме гледа со други очи од обичниот чисто пријателски поглед. Човек со релативно големо искуство во однос на жените и на нивните потреби. Сигурно ќе успеев брзо да го заборави момчето што во тој домен тешко дека ќе можеше да се мери со мене. Ама, чекав и се колебав. Сега е доцна. Алтана имаше избор на сигурност меѓу домашните, својата татковина Македонија и неизвесната авантура што ја очекуваше во странство, придружена со прекинувањето на врските со нејзините родители. Тешката дилема на Фатима што, од една страна ги родители, а, од другата, ултиматумот од човекот кој сигурно не ја сакаше искрено, бидејќи не покажа разбирање за скрупулите на девојчето пред неговиот предлог, всушност уцена да му се предаде безусловно. Дилеми… дилеми…
(продолжува)
![]()


