НАСКОРО СТАРТ НА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА

Студентски домНароден херој Орде Чопелацелосно ќе блесне

По завршувањето на академската 2025/2026 година, се преземаат подготвителни активности за отпочнување на целосна реконструкција на студентскиот дом „Народен херој Орде Чопела” во Прилеп, во рамките на проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Македонија”. Со инвестиција од 4,67 милиони евра, обезбедни од Владата, се предвидува целосна обнова.

Предвидена е сеопфатна енергетски ефикасна рехабилитација на објектот за унапредување на квалитетот на сместувањето и подобрување на условите за живот на студентите и средношколците.

– Планирано е опремување на собите, целосна замена на водоводната, канализационата инсталација, како и отстранување на причините кои доведуваат до влага во објектот. Комплетна замена на санитарната опрема, поставување на нова хидроизолација, керамички плочки и нови санитарни јазли. Целосна замена на електричната инсталација и монтирање на лед светилки, замена на системот за греење, изработка на енергетски ефикасна фасада, промена на покривната конструкција и поставување на фотоволтаични системи за производство на електрична енергија – вели Билјана Данчевска, в.д. директор на Студенсткиот дом „Орде Чопела”.

Ќе се зголеми комфорот и функционалноста на просторот и комплетно ќе се реновира и кујната со нови инсталации и опрема по ХАСАП стандардите.

– Во тек се подготвките. Потпишавме меморандум за соработка со КПД Затвор за помош и ќе воспоставиме соработка за користење на просторот во Тутунскиот комбинат за сместување на употребливиот инвентар. Дел од мебелот во соодветна постапка ќе биде преостапен на трајно или времено користење, без надомест за затворот. Инвентар со “нула” вредност со лиценцирана компанија ќе се отстрани како отпад – објаснува Данчевска.

Домот  располага со капацитет од 333 легла, а со  реконструкцијата ќе се обезбедат значително подобри и поквалитетни услови за учениците и студентите кои го продолжуваат образованието во Прилеп.

Реконструкцијата ќе трае 18 месеци. Објектот е изграден 1958 година.

ВРАБОТЕНИТЕ НЕМА ДА ОСТАНАТ БЕЗ РАБОТА

Додека трае реконструкцијата, вработените ќе бидат прераспределени во други установи и институции.

– Инаку, имаме потреба за двајца воспитувачи, садомијач, хигиеничар, имаме потреба од правник, благајник. Очекуваме да бидеме и екипирани особено на клучните работни места – објаснува Данчевска.

Loading