Живот: Чудотворната моќ на каратето
– Поради јапонската вештина Мишел од Кочани дојде во Прилеп
За благодетите од јапонската боречка вештина – каратето многупати и надолго е пишувано, ама најдобро е кога тие благодети ќе можат да се видат. Токму тоа го доживеа при полагањето за појаси во салата од ОУ “Гоце Делчев” пред Унијата на карате ветерани на Македонија. Меѓу нив, го запознавме и Мишел Антонов од Кочани.
Само што сакавме да му се обратиме со “момче”, поради проценката за возраста до околу 25 години, тој со некој близок соговорник прокоментира за “нашето југословенско време”. И ете заплет. Како може човек со изглед од околу 25 години, да зборува за “југословенското време”? Да не е некаква шега или грешка?

– Нема шега или грешка. Вистина е. Роден сум на 31 мај 1971 година во Франција. Чиста југословенска приказна за тоа време. Родителите работеле и таму сум се родил. Во 1978 година, се вративме во Југославија, во Скопје. Сме изградиле куќа во која сме живееле. Во семејството е уште брат ми Тони. И тој е во Прилеп. Постар е две години. Има 57, јас 55 години – вели Мишел.
Значи, уште еднаш слушнавме јасно и гласно – 55 години! А Мишел со изгледот и на фотографијата личи за три децении помлад. Кој е факторот за одржување на таа младост, тој младешки изглед?
– Брат му на каратистот, професорот Чедомир Саздовски, Бојан живееше кај во Лисиче. Така го запознавме и професорот Саздовски. Доаѓајќи кај брат му, една вечер дојде и кај нас дома, случајно (како некоја сила одозгора да ги мести најправедно работите). Бевме деца и слушнавме дека тренира карате, Што е тоа, како е тоа. На одење, не можам никогаш да заборавам, се сврти и директно се обрати со прашање: Сакате ли да тренирате карате? – Да, одговоривме. Што е потребно? –Треба да имате само срце. Да бидете упорни, ни порача. Тоа “си го врзавме в крпче”, и почнавме прво во карате клубот Кисела Вода, а потоа професорот отвори клуб Студент во Карпош. Тоа беше академски карате клуб. Оттаму се натпреварувавме. Учествуваме во Републичката лига во рамките на Југославија. Стилот е “Вадорју” за сениори, бевме членови на стилската вадорју – репрезентација на Југославија – кажува Мишел
Меѓутоа 1990, 1991 година кога се растури првенството, животот продолжи. Во 1992 година Мишел се вработува во МВР, а професорот Саздовски предложил да отвори клуб за карате и во Лисиче, каде живееле браќата Антонов. Кој ќе биде тренер? – прашал Мишел. А одговорот на професорот: Како кој , па вие двајца, ти и брат ти.
Така се отворил карате клуб “Гоце Делчев” во Лисиче.
– Тренери бевме со брат ми. Прво тренерско искуство. На 21 година кога немав поим што треба да се прави. Со помош на Саздовски сé беше можно. Од школата, од клупчето од Лисиче, излегоа двајца шампиони на Македонија. Деца, феномени. Здрави. Еднаш им се покажува и сфаќаат, небаре фотомеморија. Нема потреба од многу објаснување. Потоа се напредуваше во службата. Од 30 години во МВР, 26 години минав во обезбдување на ВИП-личности, значајни, највисоки, како претседателот Киро Глигоров, па до претседатели на парламентот, министри, премиери… Списокот е долг.
Раскажува Мишел дури и за ЈНА. Служел во Тузла. Кажува за дисциплината и посветеноста на безбедносните служби. А каратето, покрај презафатеноста со професионалните обврски, никогаш не го отфрлил. И останува дел од неговиот живот до ден-денес. Дури и во Кочани, каде што е преселен, формиран е нов клуб, Зрновци, со млади членови, Мишел е активен во Унијата на карате-ветерани на Македонија, Објасни за а изгледот, во што е тајната?
– Генетиката е фактор, но и начинот на живот. Духот е важен. Ако духот е тука, и телото го следи. Каратето ги има тие принципи на одговорност, дисциплина… Имам 55 години и ниедно ливче хартија не сум фрлил на улица. Не а пропуштам пешачење. Тоа е дел од мене. Мислите за животот, ставовите околу животот се најважни. Имав можност да го обезбедувам претседателот на Германија, Роман Херцог. Прв како странски претседател влегол на наша територија. За времето на Киро Глигоров. А по многу години, кога кај нас претседател беше Ѓорге Иванов, Херцог рече: Никој нема право да биде горд затоа што е Германец, Јапонец, Македонец… Нема избор тука, таков се раѓа. Човек има право да биде горд на своите добри дела, доколку ги направи. Сигурно ќе кажат: Беше еден Мишел којшто држеше клуб во Зрновци. Оттука излегоа две дечиња што станаа шампиони. Тоа ми е филозофијата, поентата. Ако зборуваш премногу, ништо не си направил во животот? Материјалното за мене е ирелевантно. И во Библијата пишува “…по делата ќе те препознаат…”.
Психологијата, мислите, благодарноста, смиреноста, сето тоа е потенцирано како нешто многу важно за здравјето, за младешкиот изглед.
– Пред легнување на вечер само на едно прашање треба човек да си го одговори: Каков беше денот што помина? Ако одговорот е “-Убав, задоволен сум сам”, тогаш го имаш рецептот за здрав живот – порачува Мишел Антонов, кој за мошне важно во својот живот го смета и – читањето книги.
Член на прилепската комисија
Прилепската секција на Унијата на карате-ветераните на Македонија, водена од Љубе Кафеџиоски – Кафето, карате-до инструктор со црн појас 8 дан беше домаќин на второто полагање појаси – жолт и портокалов, а во комисијата за доделување на тие појаси меѓу другите беше и Мишел Антонов. Тоа место го има заслужено поради титулата карате-мајстор црн појас 3 дан. А титули имаат и другите членови: д-р Чедомир Саздовски – црн појас 9 дан, дипл. правник Златко Пирганоски – карате-мајстор црн појас 7 дан, дипл. Маш. инженер Славе Ѓорески – карате мајстор црн појас 7 дан, Марјан Пурданоски – карате-мајстор црн појас 3 дан и Методија Иваноски, карате-мајстор црн појас 2 дан.
![]()


