На македонскиот театар му требаат храбри промени

Вечерва завршува 60 јубилеен МТФ „Војдан Чернодрински”

Со доделувањето на наградите и со изведбата на претставата „Црно злато” од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ, на Белградскиот драмски театар, вечерва од 19.00 часот завршува јубилејното 60 издание на МТФ„ Војдан Чернодрински” кое годинава се одржа под мотото „Храбриот нов театар” и се прикажаа девет претстави во официјална програма и четири во придружна, кои донесоа различен театарски сензибилтет. Нашиот театар „Војдан Чернодрински” се претстави со „Црнила” од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски.

На пладне ќе бидат соопштени наградите за најдобрите, претстава, режисер, актери, костимографија, сценографија… на оние кои оставија белег на годинашното издание.

Освен претстави фестивалот годинава ја понуди програмата „Драмолетање”. Авторот во фокус – Дејан Дуковски истакна дека местото од каде го започнал одот на успешен драмски автор било токму на фестивалот, честитајќи го јубилејот.

Се одржаа и две трибини, едната „На работ зад сцената – менталното преживување во тетарот” при што беше истакното дека театарот треба и мора да ризикува,  да прави публиката, одвреме – навреме, да го задржува здивот како на добра акрбација на трапез, каде акрбатот може да си го скрши вратот ако направи макар и најмала грешка. Другата беше за „Современ ли е  македонскиот театар. Меѓу локалната инерција и глобалните сценски текови”?, на која се истакна дека за има современ театар треба да се поставуваат современи драми.

Акцент на фестивалот беше ставен и на независната сцена, за што нашиот режисер Борис Василески,  режисер на „Вилицата на Ибен Бајерс” во продукција на Штрих, вели дека е „многу важно што од моја страна, но и од страна на мојата генерација, веќе се појавуваат претстави кои рамноправно учествуваат во обликувањето на современиот македонски театар и затоа силно ја  поддржува одлуката придружната програма да биде составена со претстави од независната сцена”.

За Василески јубилејот од 60 години е огромен момент, бидејќи е 60 години театарска меморија во Прилеп.

-Како прилепчанец чувствувам должност да кажам дека ако сакаме овој фестивал да го задржиме овде, изградбата на нов театар во Прилеп мора да стане приоритет. Прилеп ги има традицијата, публиката, фестивалот и театарската енергија за да добие најсофистицирана театарска зграда која достоинствено ќе ги услужи и најголемите продукции, наместо театрите со модерни сцени да ги адаптираат своите претстави на условите на некогашен „Војдан Чернодриснки” или сегашен „Марко Цепенков”, или програмата на фестивалот да биде обликувана според капацитетите на тие сцени – изјави режисерот Василески.

Прилеп во фокус

Посебно значајна за прилепчани  беше програмата „Прилеп во фокус” , што се реализираше на 60 МТФ „Војдан Чернодрински”, со која се даде  придонес и значење на тројца наши мошне значајни театарски уметници. Акцентирано беше театарското наследство од актерите Лидија  Иваноска и Трајче Иваноски и актерот и режисер Благоја Ивчески.

Во пријателот на фестивалот кафулето „Тротоар” на еден ѕид реализирана беше  „љубовната соба”, како што посочи Ана Стојаноска, уметничката директорка на фестивалот,  посветена на  Лидија и Трајче Иваноски.

– Пораснав со двајцата актери. Им ги слушам  гласовите во својата глава. Им ги памтам улогите колку што  се сеќавам, на театарот, а театар гледам одамна. Важно е на  вакви места, кои не се типично театарски, да бидат сместени актерите. Сакам да им се заблагодарам на ќерките кои дадоа придонес за реализацијата на ова катче, посветено на двајцата актери – рече Ана Стојаноска.

 Во  кафулето Лувр пак беше претставена меморијата за Благоја Ивчески.

– Се што е оставено како печат во времето – плакати, фотографии, награди се е тука. За мене е многу важно што Ивчески е грижлив чувар на македонскиот јазик.. Ова е негово минато, на театарот „Војдан Черндорински”, на фестивалот – рече Стојаноска.

 Многу важни се плакатите на претставите од НТ Прилеп, од 60-те години. Катчето ја раскажа приказната на Ивчески, преку семејни фотографии и со с# она што го има оставено во македонската театарска култура. Тука беа поставени и книгите за македонскиот јазик ( издадени од неделникот Зенит).

Многу емотивно, Благоја Ивчески,  низ солзи, се заблагодари за честа.

– Овие солзи се и радосни и таговни. Радосници  заради големиот јубилеј на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински”, а таговни заради катанецот обесен на  вратата на театарот. Прилеп нема театар! Го слушав министерот, слушав многу ветувања, белким ова ќе биде  последно и реализирано – рече Ивчески.

Loading