Работата беше јасна. Мојот сонародник Македонец и јас од тој ден почнавме да и помагаме на Алтана. За несреќа падна тешко болна и на наш трошок ја транспортиравме и ја лекуваме на болница. Таму се запознав со една помошничка болничарка, Фатима, та кога дозна за “историјата од Алтана”, се заинтересира. Таа помагаше во границите на своите можности на помошничка болничарка.
Кога имав време, седнував до креветот на кој лежеше Алтана и медитирав за тешката дилема што пред неа, млада неискусна девојка, “од дома не излезена”, се поставила во моментот кога требало да бира меѓу сигурноста на родната земја и на родителскиот дом и нејзината љубов или, можеби само страст, за човекот кој ја излагал, ја одвлечкал далеку во туѓ свет, а не бил спремен ни зрел за сериозен брак. Човечкиов живот е полн со избори, и во извесни ситуации дилемата е многу тешка, си велев. Потоа, со чувство на естет, í се восхитував на Алтана која, покрај болеста, уште си ја имаше задржано својата убавина. Се прашував: “Ама од каде се “накучија” кај нас олку убави девојки?!”. Имено, се сеќавав на времето кога млад уште живеев во Македонија и кога ретко се гледаа вакви убавици туку, токмо спротивното. Имаше жени кошмарно грди било како последица на сиромаштијата, лошата исхрана и неблагопријатните услови за телесно негување, било, пак, заради тоа што некои помали места останале долго време изолирани, та нивните жители се мажеле и се њенеле меѓу себе, меѓу поблиски роднини и, од тоа немешање со пресна, “надворешна” крв, се појавиле телесни и психички недостатоци, грдотија. Без да се испушти од предвид фактот што различни бегови, аги и други феудални поголеми или помали силници и господари, со своите сексуални насилија врз македонската етнос, заразувале цели села со венерични болести, меѓу кои и сифилисот.
Драматичен беше крајот на убавата Алтана, Црвена-Зора. Со постариот сонародник собравме пари за погребот, а еден поп, иако починатата беше муслиманка, се согласи да одржи погребна служба. Бидејќи никој од фамилиите, ниту на таткото, ниту на мајката, не сакаше ништо да чуе за детето – сираче, поведов постапка за посвојување. Така станав татко без жена.
Малку време после смртта од Алтана, дојдов во болницата да посетам еден колега, ранет во престрелка со некои криминалци. На излегување, ме запре Фатима, болничарката, македонска Ромка. Ме помоли да се состанеме/ Сакала да позборуваме за важна работа. Се состанавме на терасата од едно кафе.
– Овде немам никој близок кому би можела да му се обрнам за совет. Ти си постар и поискусен, сакам да ми дадеш ум за една тешка работа.
– Кажи, те слушам, Фатиме.
– Запознав едно овдешно момче. Се гледаме, се засакавме, ама сега сака да ме напушти.
– Зошто?
– Оти не сакам да имам интимни односи. Ми постави ултиматум, или ќе се согласам, или ќе ме напуштел оти тој, како маж, имал потреба од жена не само за шетање и за разговор.
– А ти го сакаш и тешко ќе ти биде ако ја прекинете вашата врска?
– Да.
– Штом го сакаш, оти не се согласуваш на неговиот предлог?
– Не смеам. Не сме венчани. Никогаш не сум имала авантура со маж.
– Колку години имаш?
– 18.
Во текот на разговорот, дискретно ја проучував Фатима. Млада убавка нашинка, со црна коса, здраво тело без грам сало под кожата со боја на “млечно чоколадо” и црни очи од кои вееше оган. Јасно ми беше дека дилемата е тешка. Би сакала, ама инстинктот и љубовта моќно ја туркаат да се согласи со барањето на момчето. Од друга страна, не смее заради домашно воспитување, и заради срамот и стравот од своите родители.
(продолжува)
![]()


