Булеварот, истегнат небаре писта, сликан од еден агол. Улицата е интересна. Не е американскиот Тајм сквер или Менхетен, ама за нас е сообраќаен крвоток. Оскудно било времето. Нема автомобили. Само раздвижени пешаци. Гранитната коцкена подлога била за запрежни коли. Врвел по некој “цар”- Фиќо. Столбовите со ламби укажуват дека луѓето ги знаеле придобивките од осветлувањето по улиците.
Зелениот превез од бујните дрва, тополите кои подаваат раце кон небото, даваат шарм на Прилеп. Тротоарот има складна патека со жива ограда. Во средината тревен килим со декорација од млади фиданки кои живнале. Сето тоа го прави елегантен целиот простор и тротоарот. Тука беше корзото, нагазено од младите. Цветале љубовта, насмевката, радоста, штипкањата, дофрлувањата, срамежливите погледи… Кај постарите уште царува носталгијата по корзото. Топлина ги грее срцата кога ќе помислат на тие времиња. Сиромаштија имало, но и чесност и човештилак. И воздухот бил чист со бујната вегетација и ретки издувни гасови.
Неодминлив декор е Старата пошта, сегашна Комерцијална банка. Тука е и зградата кај Градската кафеана. Од зелените крошни може и да се затскријат скромните објекти.
![]()


