САМО КОЛКУ ДА НЕ СЕ ЗАБОРАВИ ЗОШТО ПРОПАДНА ЦПРТВ-ПРИЛЕП

Секако, дека помладиве незнаат што значи кратенката ЦПРТВ. На почетокот во педесеттите години од минатиот век во градот наш, Прилеп постоеше и емитуваше програма Радио Прилеп. Се знаеше, што ќе каже Зафирот (Гога Зафироски – спикерот на тогашното Радио), тоа беше вистината. Не се чекаше како дотогаш, Дуче Барабанџијата да затропа со барабанчето и на секое ќоше, раскрсница да им каже на прилепчани дека на пример, било загубено машко магаре – сиво, или црно и слично на вакви и слични маалски соопштенија.

Првото градско радио го направиле радиотехничарите Киро Грданоски и мајсторот Славе. Тоа било со мал дострел, а бидејќи тогаш немало радио приемници во секое семејство, градските татковци измислиле „модерен” начин за сознание на значајните соопштенија, информации и, се разбира, музика и на секоја трета, или четврта дрвена тогашна бандера поставиле по еден звучник да се следи тогашната два – три часовна радио програма.

Пред ова електронско, модерно медиумско информирање на граѓаните, Прилеп, уште во времето на НОВ имал прв печатен градски, партизански, илегален медиум, весникот „Народен глас”.

Некаде во шеесеттите години, тогашните политички градски структури одлучиле да се формира информативна куќа, Центар за печат и радио. Покрај спикерот Зафироски, кој бил и директор и техничарот Славе Зарески, работеле и новинари, како Ѓоре Напески, Перо Попоски, Благоја Силјаноски, Михајло Михајлоски и други хонорарци. Центарот, информативната куќа беше сместена во куќата на Плашевци, каде долги години и постоеше се до крајното нејзино „замолчување”. Локалниот весник „Народен глас” излегуваше тогаш на две недели, а потоа секој петок. Се печатеше во тогашната прилепска печатница. Се подготвуваше два дена, во среда, четврток, а во петок доаѓаше пред читателите во четири, пет, а едно време и шест илјади примероци. А, радио Прилеп до набавувањето на среднобрановиот предавател од Индијана – САД, се слушаше до Плетвар и до пониските села во Пелагонија, емитувајќи најпрво по два, три часа програма, потоа и по 10, а во последно време и по 24 часа програма. Слушателите секогаш беа информирани во 15 часот за сé што се случило во градот и населените места преку емисијата „Хроника на Радио Прилеп”, а секако  имаше и други информативни, дебатни и други музички и разговорни емисии.  Антената и новиот предавател беа сместени во Паркот на револуцијата на посебно ограден простор. Антената беше висока 42 метри.

Пак, уште во минатиот век, некаде во деведесеттите години тогашните вработени, ги имаше околу дваесетина, кое новинари, новинарки, спикери, техничари, хонорарни соработници, музичари и друг персонал, со средства на вработените, а и со помош на фирми, претпријатија тогашни од градот се направи, формира такаречи и првата посебна телевизија, покрај МРТВ во Македонија , тогаш ја викавме независна телевизија. Тоа беше во склопот на Центарот за печат и радио, а сега се додаде и телевизија. Значи тоа ЦПРТВ ја  означува онаа  на почетокот нејасната скратеница, почна со мал, еднокиловатен предавател кој зрачеше преку антената поставена на највисоката и најблиската зграда до тогашниот ЦПРТВ зграда, тринаесеткатницата. Се знае зрачеше со сигнал во Општина Прилеп, ја покриваше тогашната Прилепска општина со сите села, освен оние подалечните и преку Слива- Мариовските. Преку прилепската телевизија најгледан беше „Спектарот” што се емитуваше секоја вечер, освен во сабота и недела во исто време. Сега веќе станува збор за информирање во 21 век. И, тогаш и во тоа време по почетокот на многуумието, покрај информирањето преку ТВ Прилеп, со појавата на политичките партии се водеше сметка за застапеност, како со информации, соопштенија што излегуваа од едните и другите политички опции. Се набави нов предавател од Англија. Антената и предавателот беа сместени на брдото над Тополчани во РХМЗМ. Сигналот можеа да го следат и граѓаните во Битола, Крушево, Македонски Брод,а и другите села од Прилепска и Битолска општина, а дури и до Лерин и околните населени места. Се набави, пак со средства од вработените мобилен мал предавател и се вршеа директни преноси од фудбалски натпревари, спортското бинго директно се пренесуваше, во живо. Со години директно се пренесуваше Христос Воскресе од црквата Св. Благовештение. Се емитуваа многу дебатни музички и какви не емисии преку студиото  на ТВ Прилеп, а да не се заборави и преку студиото на Радио Прилеп. Весникот излегуваше секој петок, во колор и рото техника.

Но, кога заиграа „игрите” и политичките партии почнаа да се мешаат во медиумите, како и сега, раководствата почнаа да поставуваат и директори, раководители на ЦПРТВ, по свој избор и вкус, блиски до нивните политички опции. Вработените го сменија и статутот и од тогашниот Социјалистички сојуз, а потоа партија која беше основач, се префрлија, односно основачките права ги презеде Општината Прилеп. Тргна колата на ЦПРТВ многу брзо да слегува по удолница, надолу, надолу и надолу… Почнаа да се менуваат директори од едни и други партии и одеше од лошо полошо.

ЦПРТВ, којшто беше најдобро опремен технички, економски, а секако и кадровски во Македонија и за кого се велеше дека е расадник за информативните  работници – новинари кои и сега работат во одредени онлајн медиуми, или во други информативни македонски медиуми, ПРОПАДНА ОД НЕКАДАРНИ, ПАРТИСКИ КАДРИ! Најголема корист имаше само стечајниот управник.!!!

Кирил Ристески

Loading