ОД СРЦЕ ЗА СРЦЕ

РОТАРИ ЗАЕДНИЦАТА ПРЕДВОДНИК НА ПОЗИТИВНИТЕ ПРОМЕНИ

Ротари клубот Прилеп е формиран во 2008 година од неколку ентузијасти на чело со д-р Александар Ристески. Годинава прослави 18 години постоење на свечен настан.

Иако ротаријанството во светот датира од 1905 година, зачетоците во Македонија се од 1930 година, со формирањето на Ротари клубот Скопје. Низ годините, организацијата, како во светот, така и кај нас, прераснува во една од најголемите хуманитарни асоцијации со фокус на проекти од областа на здравството, екологијата, локалната заедница…

Ротари клубот Прилеп денес брои 38 активни членови. За одбележување е исклучителната активност во ротаријанската 2025-2026 година, на чело со претседателот Орде Ѓорѓиоски. Почнат е проектот насловен, “Заедно за чист воздух во градинките во Прилеп”, при што беа донирани 39 професионални прочистувачи за воздух за целосно опремување на четири детски градинки во градот. Проектот изнесуваше околу 16.000 евра, а поводот беа референтни испитувања со коишто се докажа дека во внатрешноста на училиштата и градинките во земјава за двојно повеќе е зголемена концентрацијата на суспендирани честички во воздухот од она што е препорака на СЗО. Потоа, беше организирана забава со хуманитарен карактер под мотото “Хедонизам преку хуманизам – оксиморон или реална можност”. Со собраните средства беше набавен дрон за пожарникарите за увиди во шумски пожари и пожари во населби од збиен тип. Поради улогата на Ротари во светот за искоренување на детската парализа (светската иницијатива за ерадикација на Полио вирусот), на 24 октомври беше организирана трибина за значењето на оваа болест. Учествуваа лекари од градот, дискутирајќи за последиците од болеста и состојбите денес. Во таа насока, Ротари клубот Прилеп купи и донираше професионален бензински агрегат за вакциналното одделение во болницата. За Денот на ослободувањето на Прилеп – 3-ти Ноември, се организиран традиционалниот “Арт Хепенинг” со повеќе од 50 учесници. Најдобрите беа наградени за нивниот труд на посебна свеченост. Лани во ноември клубот се збратими со Ротари клубот Лесковац од Србија за продлабочување на соработката и отворање на можноста за реализација на заеднички проекти. На крајот на 2025 година, ротаријанците засадија 200 медоносни дрвца кај манастирот Прилепец. За Меѓународниот ден на човековите права, под мотото Правото на изразување, без цензура и ограничување, беше организирана првата градска ораторска вечерсо учество на 19 учесници, ученици во средните општински училишта во градот и еден претставник на Ротаракт клубот Прилеп. Во февруари година се реализира најуспешната крводарителска акција во историјата на клубот, во коорганизација со Лајонс клубот Прилеп при што се собраа 62 единици крв. Веднаш потоа беше организирана одлична трибина насловена, Превенција од кардиоваскуларни болести кај женската популација, по повод Меѓународниот ден на жената. Неколку дена подозна се доделија 18 екстрактори за храна со 180 килограми овошје и зеленчук за детските градинки за 18 годишнината  од Ротари клубот во Прилеп. Поводот за донацијата беше фактот дека Македонија се рангира на најниско ниво во Европа по дневната консумација на овошје и зеленчук кај најмладата популација. Паралелно почна и проектот за обележување на планинарските патеки на Селечка Планина, кој ќе заврши со поставување информативна табла за повеќе патеки со кодови и други податоци, а со цел да се мотивираат луѓето да се вратат во природата.  По повод Меѓународниот ден на планетата Земја, се реализира проектот “Рециклирам, значи постојам” со собрани 15 тони отпадна хартија од институции и приватни правни лица. Вклучените учениците присуствуваа на работилница за изработка на хартија во Охрид. Минатиот месец беше оддадена почит на големиот актер Дарко Дамески, родум од Прилеп, со проекција на филмот “Црно семе” и изложба со негови фотографии, во организација на Ротари клубот Прилеп.

Во наредниот период претстои организација на градска трка “Трка со срце” во организација на Ротаракт клубот Прилеп, на која се очекуваат повеќе од 250 учесници. Собраните средства ќе се донираат. Ротаријанците  имаа бројни дружења со колегите од земјата и странство, дискутирајќи на теми од значење за заедницата.

Интеракт клубот во гимназијата се закити со наградата 3-ти Ноември на град Прилеп за високи достигнувања во областа на хуманизмот.

Loading