“Храбриот нов театар”

Почнува 60. издание на МТФ Војдан Чернодрински

Вечерва со видео изложба “60 години МТФ “Војдан Чернодрински”, од 19 часот од пред театарот, чиј наратор е Игор Трпчески, и ќе се случува на неколку места низ градот (Галерија на икони, Градски саат, Реклами), ќе се отвори годинешното јубилејно 60-то издание  на МТФ “Војдан Чернодрински”.

Под мотото “Храбриот нов театар”, се отвора дијалог за кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот, повикувајќи на театар со став, што провоцира, преиспитува и не молчи. Фестивалот е мост меѓу традицијата што ја наследуваме и иднината што ја создаваме – меѓу минатото, сегашноста и новите театарски визии.

Свеченото отворање е од 20 ч., најпрво со доделувањето на наградите за животно дело на актерот Веби Ќерими, театарскиот деец  Љубомир Чадиковски,  на режисерот Сашо Миленкоски,  и актерот Атила Клинче. Драмскито театар од  Скопје ќе ја изведе претставата “Мачкина глава” по текст од Венко Андоновски, во режија на  Дејан Пројковски. Во официјална конкуренција ќе бидат прикажани уште осум претстави, а прилепскиот ќе конкурира за награди со “Црнила” од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски.

Богата е и придружната програма.

– Фестивалот речиси 60 години í го дава најдоброто од македонската култура – вели Ана Стојаноска, уметнички директор на Фестивалот.

Лани почна “Музејот во движење” или “Прилеп во фокус” со презентација на придонесот и влијанието на тројца (и не само на тие тројца) мошне значајни театарски уметници од Прилеп. Годинава продолжува акцентирањето на прилепското театарско наследство од актерите Лидија Иваноска и Трајче Иваноски и од актерот и режисер, Благоја Ивчески. Артефактите од оваа изложба ќе бидат кај пријателите на фестивалот кафулињата “Лувр” и “Тротоар”. Во програмата автор во фокус ќе се презентира творештвото на драмскиот автор Дејан Дуковски. Ќе се изведе програмата “Драмолетење”, како и фестивалските зони низ градот, за да се поттикне бранот промени и да се ужива во театарот надвор од сцени и во нестандардни театарски форми. Ќе има и тркалезни маси за претставите, промоции на театарска литература, со што достојно ќе се одбележи јубилејот на фестивалот кој е под покровителство на претседателката на Македонија Гордана Силјановска Давкова.

Loading