Даниел Мелвил Македонска рапсодија 123

Дилема

На две од моите мајки:

Тетка Цена и Фатима

Македонската Турчинка Алтана ја запознав во станот од еден постар Македонец. Тој избегал од Македонија при навлегувањето на партизаните во градовите при крајот на Втората светска војна. Секогаш беше беспрекорно облечен во црн костум со вертикални светли линии, елегантни чевли, врска и снежно бела кошула. Личеше на македонски вмровски интелектуалец од почетокот на 20 век. Ми раскажа дека избегал не оти би бил колаборатор на бугарските окупатори во Војната, туку како доста богат човек, сметал дека за него би било опасно да остане под новиот, комунистичкиот, режим. По заминувањето и добивањеето на политички азил на Запад, целиот имот му бил конфискуван. Сонародникот беше чесен и добар човек. Им помагаше на новодојдените бегалци од Македонија под јурисдикција на четирите соседни на Македонија, балкански држави, меѓу кои делови и Република Македонија – федералните држава во Југословија. Иако имаше голема разлика во годините меѓу нас, се спријателивме. Кога го посетив во неговиот стан, кај него ја запознав Алтана со бебето што го држеше в раце. По македонскиот обичај, се ословуваме со “ти”. Додуша, првин се подисплаши, бидејќи работев како полицаец во западна земја. Дојдов кај пријателот во униформа, потполно екипиран за службата. Кога ме слушна како течно зборувам македонски, се поослободи и искрено ми одговори на прашањата.

– Убаво име имаш, Алтана…, и забележав.

– На турски името ми иде од ал тан, што значи црвена зора.

Сонародникот се насмевна. Рече:

– Да, ама за тебе, оти си немала ум во главата, името би требало да ти значи црна зора!

Прашав зошто го вели тоа, нешто од него, нешто од Алтана, ја дознав “нејзината историја”. Девојката засакала некој македонски Албенец, кој потоа избегал на Запад. Со писма ја викал да побегне кај него, та да се венчаат.

– Зошто да не засакаш некој Македонец?!, ја праша со прекорен тон пријателот.

Алтана збунето се насмевна:

– Оти сум млада, будала.

И продолжи да раскажува:

Побегнала, се нашла со саканиот, ја донесол во овој милионски град, ја населил кај него, но за венчавање не му се брзало. Пред неколку недели го родила и бебето.

– А сега каде ти е момчето – прашав.

Наместо Алтана, ми одговори домаќинот:

– На гробишта. Постојано се дружел со некои неранимајковци. Се карале, се тепале, за политика, ама повеќе за гангстерски работи. Пред некој ден пак се степал, извадиле ножови и сега човекот е веќе закопан, отепан со нож. Бидејќи оваа мостра, – се сврти кон младата жена, – не го знае овдешниот јазик, ме викнаа во полицијата да преведувам. Ниту има пари, ниту знае каде да оди и што да прави. Не можев да ја оставам на улица. Ја зедов кај мене да остане некое време, па ќе видиме како ќе се реши оваа положба.

Се загледав во младата жена и и реков:

– Каква што те гледам, не ми личиш на Турчинка, туку на вистинска античка Македонка.

И навистина, Алтана беше убава млада жена, со руса коса и модри очи. Без помош од чесни луѓе, во овој град жени како неа брзо и честопати неповратно пропаѓаат. Размислив и ја прашав:

– А зошто не би се вратила кај твоите родители? Ако останеш овде, нема да ти биде лесно..

Алтана ја наведна главата и тивко одговори:

– Ако му паднам в раце на татко ми, ќе ме заколи, оти избегав, пред мажењето легнав в кревет со маж, и на тоа згора родив и вонбрачно дете.

 (продолжува)

Loading