Чуда: фудбалери во шестата и седмата деценија од животот!

Живот: Кои се најстари во ОФС Прилеп?

Роберт Пејоски игра за Младост Кривогаштани, а Коце Анѓелески за Корзо

Познати се во прилепскиот фудбал во дискусите и различните мислења околу тоа кои се моментно најдобри фудбалери во ОФС Прилеп, а сите тие веднаш можат да се согласуваат околу нешто полесно во изборот – најстари поединци кои уште се на терените. Така е затоа што секој се поклонува пред фактите, бројките на годините. Станува збор за чуда – фудбалери во шестата и седмата деценија од животот! Издвоивме двајца, бидејќи првиот, е во шестата деценија. Игра во повисок, третолигашки ранг, а вториот е во понизок, петтолигашки ранг, но вредноста кај него е што е осум години постар.

Прво е 54-годишниот Роберт Пејоски. Игра за 11-от на табелата во Третата лига – Југ, екипата Младост Кривогаштани. Кариерата му е долга, околу четири децении, бидејќи за сениорски тим има почнато некаде 1986. Заиграл на лажна книшка во Илинден од Подвис, во родното село. Иако биле во Општинската лига, тој ранг тогаш се сметал за мошне силен. Продолжил во Изгрев од Кривогаштани, па прави прекин поради заминувањето во ЈНА, тогашната југословенска армија. По враќањето во 1991 година одиграл за Илинден од Ропотово. Според негово сеќавање, следен клуб му е Питу Гули од Крушево, со кого е влезот во висок ранг, Втората лига на Македонија. Соиграч во тоа време му е Гоце Седлоски, сегашниот селектор на Македонија. Потоа од Питу Гули се сели во Напредок од Кичево. Таму одигрува и во Прва лига на Македонија. Оттаму следи преселба во Зајас, па му се случила повреда поради која две години паузира до 2006. Тогаш заминува во Младост Кривогаштани, каде е до ден-денеска, што значи долги 20 години без прекин во овој клуб.

– Точно е, имам 54 години и се уште голема желба да играм. Се додека Господ ми дава здравје не мислам да се откажам. Играм на позицијата стопер, во одбраната, со број 6. Сметам дека успешно се носам со противничките играчи, со многу помладите од мене. Нив честопати ги имам прашано што мислат за мене, колку години е нивната проценка дека имам, а ми велат 40 до 42. Кога ќе им ја кажам вистината дека имам 54, се чудат – велат дека вакво трчање на оваа возраст е чудо. Ми пуштаат рака, ми честитаат. Кариерата ми трае од осмо одделение, од 13 години кога имав, Почнав на “црно” оти морав така поради младоста. Досега некој со автомобил нема поминато толку километри колку што јас имам истрчано со нозеве. Најголемиот успех ми е со кичевски Напредок – од Втората лига влеговме во Прва лига на Македонија, Потоа отпаднавме, ама веднаш се вративме во прволигашкото друштво. Цел живот ќе го паметам тоа. Значи – сите рангови сум ги поминал, дури и во највисокиот ранг сум одиграл две сезони, прволигашки. А натпревар најдобар во кариерата иако е тешко да се каже, сепак го издвојувам во Кичево против битолски Пелистер. Тогаш за противничкиот тим играа и репрезентативци како Тони Мицевски, Виктор Треневски, Дејви Главевски… Водевме 3:1, на крајот беше 3:3. Иако одигравме нерешено, тој резултат е успех против многу силниот Пелистер. Јас го чував во одбраната баш Треневски и сметам дека успеав да го задржам. Исто успешно одиграв и против Вардар во Скопје. Тогаш го задржав и Артим Шакири. Во тоа време имав планови, можев да направам кариера, но некои приватни проблеми се испречија.Затоа постигнав помалку отколку што можев. Неостварена желба ми остана и прилепска Победа, клуб којшто ме бараше – вели Пејоски.

Почит заслужува и фудбалерот којшто игра два ранга подолу, во Општинската Б-лига на ОФС Прилеп, но чудото кај него е што има 62 години. Се вика Коце Анѓелески. Игра за екипата Корзо од Прилеп. Според негови сеќавања, кариерата му е долга 47 години, бидејќи игра од 1979 година. Почнал во младинскиот тим на 11 Октомври кај тренерот Благоја Башески, а играл и за други клубови. Сменил 18 екипи. Пред Корзо поминал 6-7 години во Мукос Дреновци и 2 години во Динамо Мажучиште. Настанала фузија со Корзо, каде и сега е тука. Вели дека е благодарен затоа што одлично е примен во тој клуб од тие што го водат, како што е Драган Ташкоски и другите што “душа давале за него”. Иако и натаму живее во родното Десово, не му е тешко постојано да патува до Прилеп и редовно да игра за Корзо во Прилеп. Со овој тим го освои 6. место на табелата. Одиграл и за Гарван од Десово, а пауза имал само кога бил во војска, 1983 година. Очигледно играњето фудбал и сега му е задоволство, во седмата деценија од животот.

 – Задоволство, ами што? Ако имам тешкотии, не би играл. Толку мерак немаат ниту помладиве. Пролетва некои од нив беа отсутни, така што со 10 играчи моравме да игравме. И пак победивме! Загрижува тоа што млади има сé помалку, па играме ние постариве. Еден има над 40 години и не може да се рече дека е стар оти јас имам 62. Издржувам иако е долго игралиштето 100 метри, широко 60, Докторот по прегледот ми рече: “Ти си здрав, можеш и немој да прекинуваш”. Ми даде дозвола. Досега е супер, немам проблем никаков. Сите мечеви ги одиграв. А и во зима не престанувам, играм мал фудбал. Што се однесува до најголемото достигнување, секако е членството во прилепска Победа. Играв 6 месеци, кога тренер беше Божидар Костиќ. Не ми даде шанса и затоа поминав три години во 11 Октомври, каде се чувствував “цар”. Соиграчи ми беа и Марјан Стојковски – Мантата, Блаже Филипоски – Папе…Потоа заминав во Пролетер Македонски Брод заедно со уште неколкумина соиграчи. Најчесто играв халф и центархалф, во одбраната. Позиција којашто бара успешно играње и со нога и со глава. Неодамна делегатот Слободан Станисављевиќ ми рече дека воопшто не личам за толку години 62. Не му се верува. Прашуваат има ли постар од мене во државава? Им велам дека нема во светот – вели Коце Анѓелески.

Сега веројатно нема постар фудбалер од 62 години. А претходно имаше – Киро Наумоски, на 63 години и тој поранешен член на Корзо. Пред  неколку години за најстар играч се сметаше Благоја Наумчески – Пајчето, фудбалер на Динамо Мажучиште. Ништо не е невозможно во екипите на ОФС Прилеп. Затоа и натаму ќе трае нашата потрага по највозрасни играчи, а доколку некој не сме го забележале досега, добро е сам да ни се јави за и него да го претставиме во нашиов весник.

Во Победа се 16-годишници

Наспроти примерите за највозрасните играчи, Коце Анѓелески и Роберт Пејоски, во екипата Победа пролетва е обратно, настапија од млади – помлади. Сите до еден беа под ознаката (Мл), што значи дека беа или младинци или кадети. Публиката ги сместуваше во класата “деца”. Со право, би рекле, ако се знае дека меѓу нив беа и играчи со само 16 години, родени 2010 година, како Петар Најдоски, Арсениј Солевски, Ведран Мегленски, Андреј Лефтероски…

Честопати во Победа капитен и највозрасен беше 19-годишник, како на последните мечеви Кристи Крајоски.

Loading