Премиера
На 27 мај ќе биде изведена новата премиера на ансамблот на театарот, “Девојките на Марко”, според текстот Боинг Боинг од Марк Камолети, во превод, адаптација и режија на Синиша Ефтимов. Текстот со години успешно живее на сцените во светот. Влезен е во Гинисовата книга на рекорди, како најмногу поставуван француски текст.
– Претставата ја носи ведрата страна на животот, малите искри во секој од нас кои ја стартуваат радоста на животот. Таа е свежина на репертоарот за забава и сериозна игра – вели режисерот Ефтимов.
Според него, има асимилација на ликовите и топонимите. Дејството се пренесува во современ и модерен Прилеп од иднината или Прилеп од паралелен универзум.
– Релативно успешен млад човек, Марко, испланирал како да не се сретнат неговите три девојки, стјуардеси од три земји, со кои се забавува. Во метежот се вклучува и пријателот на Марко, Ѓорѓи, кој се обидува да му помогне во жонглирање. Несуден диригент е помошничката Џева – додава Ефтимов.
Играат, Наташа Ачански, Јасмина Мицовска Станкоска, Марија Спиркоска Илијеска, Лора Штарго, Димитар Ѓоргиевски и Илија Волчески.
![]()


