Даниел Мелвил  Македонска рапсодија 122

Бесплатна објава

Улави или не поставувачите на кутиите, од тој ден Патрик Моров почна да ги гледа на места понекогаш изненадувачки, како на пример по јавни клозети, или под некоја јавна клупа во парк. Секогаш исти, таинствени, бидејќи грижливо ја криеа содржината, доколку имаше нешто во нив. Покрај љубопитството и тајната надеж за скриениот трезор испратен до луѓе како него од Божеството, на Провидениот, на Силите на космосот, благонаклонети, или, да ги наречеме било како инаку, тие креатури кои се надмоќни и се над нас бедните малечки штурци и мравки, не реши да погледне во одблиску или, пак, моментните околности не беа благопријатни за такво нешто. Заинтересираниот најпосле си рече дека се сумирано треба да му недостасуваше некоја штица во главата, па дури и некоја голема штица. И кај кого се оди кога се доаѓадо таквиот заклучок? Се разбира дека не се оди кај дрводелец или кај дограмаџија, туку кај селскиот гатач, вражалец. Или, кај нас суштествата, повеќе или помалку цивилизирани, кај психијатарот кој, покрај и после сé, понекогаш, можеби често е способен да изврши чудо во однос на закованите или откованите штици во нашиот череп, освен ако се наоѓаат на друго место во нашето тело, толку просторно и мистериозно колку што е космосот.

Мадро седнат визави докторот, Патрик Моров му ја раскажа приказната за кутиите. Психијатарот го ислуша, запиша некои белешки, потоа му напиша рецепт, убедувајќи го дека нема ништо неизлечливо во неговата глава.

– Ова – рече докторот, подавајќи му ја рецептата, е една стара препарација, ама е испитана, сигурна. Таа ќе ве ослободи од сите малечки проблеми. Потоа, ќе можете да се концентрирате уште повеќе на вашите работи и на подготовки на најдобрите години што не се зад вас, туку се пред вас и пред вашата сопруга. Појдете со рецептов кај блискиот аптекар во улицава, знаете Аптеката Хикс Ипсилон. Ќе ви ја спремат брзо. Соработувам со аптекарот многу години на општо задоволство, како за нас двајцата, така и за пациентите.

– Благодарам, многу благодарам, докторе!, извикна Патрик Моров, пикнувајќи го документот во џебот и станувајќи од фотелјата.

Штом излезе од ординацијата, психијатарот телефонира на спомнатиот аптекар и, при крајот од разговорот, му препорача:

 “И нарочно, нека не ја види твојата кутија, оти е иста по изгледот како и другите, оние што веќе досега ги видел!”.

Кога ја спушти слушалката, докторот го искина листот со белешките запишани од разговорот со Патрик Моров. Парчињата ги фрли во една кутија од мукава, скриена под неговата маса за работа. Кутијата беше сосема иста како оние што Патрик Моров ги виде и кои, на крајот го донесоа кај психијатарот.

Потоа, докторот, висок, тенок, отмен, со спокоен поглед, трпелив, стана со тивка воздишка и отиде во чекалната да го побара следниот клиент, чии штици во главата можеби не беа од мукава, туку од дрво, па дури и од тврд и отпорен метал.

 (продолжува)

Loading