ВОСПИТУВАЊЕТО НЕ ПОЧНУВА ВО УЧИЛИШТЕ – ТОА ЗАПОЧНУВА ДОМА…

Бесплатна објава

Гоце Бумбароски, консултант за образование

Последните случаи на врсничко насилство низ училиштата во Македонија не се „детски караници”.  Не се „само фаза”.  Не се „деца се, ќе им помине”.  Дел од тие случаи завршуваат со понижување, тепање, снимање со телефон, закани, психички трауми и деца кои секој ден одат во училиште со страв.

Родители, вистината е тешка, но мора да се каже:

Насилно дете не се буди едно утро и не станува насилник само затоа што така решило. Однесувањето почнува дома. Во начинот на кој зборуваме. Во тоа што децата слушаат секој ден. Во тоа како реагираме на лутина, навреди, нервоза, омаловажување и агресија.

Дете кое расте со викање, навреди, закани и понижување – учи дека силата е начин за доминација.

Дете кое гледа родители како навредуваат други луѓе – учи дека почитта е слабост.

Дете кое никогаш не слушнало „не” – расте со чувство дека сè му е дозволено.

А, дете кое е оставено интернетот да го воспитува – многу лесно почнува да мисли дека понижувањето, исмејувањето и насилството се „нормални”.

Не можете да му дадете на детето телефон со неограничен интернет, ТикТок, Инстаграм, Јутуб и содржини полни со агресија, навреди и понижување – а потоа да се чудите од каде му е таквото однесување.

Интернетот, денес не е само забава. Тој воспитува. И, ако родителот не постави граници, тогаш алгоритмите ќе го прават тоа место него.

Децата денес гледаат: тепачки што се снимаат за лајкови, исмејување како „хумор”, понижување како популарност, агресија како доказ за „јачина”.

И најстрашното е што дел од родителите тоа го оправдуваат.

„Моето дете не би направило такво нешто.”

„Сигурно и другото дете го провоцирало.”

„Само си играле.”

Не. Не е игра кога некое дете плаче само во соба.

Не е игра кога ученик се плаши да оди на училиште.

Не е игра кога деца снимаат нечие понижување наместо да помогнат.

Училиштето има обврска да воспитува и да реагира. Институциите мора да постапуваат. Но, темелот сепак почнува дома. И самите институции во Македонија веќе предупредуваат дека проблемот не се создава само во училиштата, туку се носи од средината во која растат децата. 

Воспитување не е само: да му купиш телефон, да му дадеш пари, да го облечеш убаво, да му исполнуваш желби.

Воспитување е: да го научиш на граници, на почит, на одговорност, на емпатија, да знае дека секоја постапка има последица.

Ако детето дома учи дека е најважно да биде „опасно”, „главно” и „посилно од другите”, тогаш не смееме да се чудиме кога истото тоа дете ќе понижува друго дете во ходник, во парк или на интернет.

Најголемата грешка е кога родителот го брани детето по секоја цена, дури и кога очигледно греши. Така не се штити детето. Така се создава човек кој мисли дека никогаш нема одговорност.

Македонија нема потреба од уште генерации деца кои ќе растат без емпатија и без контрола. Потребни се родители кои ќе бидат родители, а не само набљудувачи на животот на своите деца.

Затоа што воспитувањето не почнува во училиште. Тоа започнува дома…

Фејсбук статус                       

Loading