Изложба на фотографии
Во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” вечерва ќе биде отворена првата изложбата на фотографии “Маркукуле – живо” од Ивана Темелкоска. Фотографите се запис на еден ист простор низ различни времиња, состојби и атмосфери, создаден како процес на долгорочно и внимателно набљудување.
– Постојат места носени во видното поле долго и на крај престануваме да ги гледаме. Маркукуле е такво место – рид длабоко всаден во секојдневието на Прилеп, толку познат, секогаш присутен, па затоа и речиси невидлив. Темелкоска го враќа погледот, а и нашиот. Фото серијата е родена во пандемискиот карантин, кога светот се стесни во четири ѕида, кога врската со светот беше прозорецот. Низ прозорецот е насочен објективот. Истиот рид, секој ден, фотографирано со трпение, будност, внимание кога се бара излез, спас од грдото пандемиско секојдневие. Резултатот е визуелен дневник. Серијата не е дефиниран концепт , туку расте органски, кадар по кадар, ден по ден. Во спонтаноста лежи силата. Фотографиите значат присуствуво. Камерата е како алатка за будење, автотерапија додека ридот останува ист. Различна е светлината. Облаците не се исти и во есен и во зима. Маркукуле живее во промените на кои се обрнува внимание, а непроменливото, всушност, никогаш не мирува. Темелкоска е творечко вкрстување – дипломиран филолог по руски јазик и книжевност, со осумгодишна кариера во графичкиот дизајн и фотографијата, длабоко вкоренети уште од детството. Изложба е потсетување дека убавината не е некаде, туку го менува лицето секој ден – вели Драги Неделчевски, за изложбата на авторката.
Ивана Темелкоска (1989) е дипломиран филолог по руски јазик и книжевност. Веќе осум години е професионален графички дизајнер. Активно се занимава со визуелна уметност, а фотографијата е медиумот што во последните години доминира во нејзината работа. Љубопитноста во фотографите вирее од детството, првин како игр,и инспирирани од професијата на татко í. Низ објективот учи внимателно да гледа, да биде присутна и да ја прифати минливоста како дел од убавината на животот. Фотографијата í е и чин на сведочење и миг за век и веков.
![]()


