ЈАВНИОТ ГРАДСКИ ПРЕВОЗ НЕ Е ПРОФИТАБИЛЕН, ТУКУ ТРЕБА ДА БИДЕ ЕФИКАСЕН

Бесплатна објава

Игор Неделкоски, в. д. директор на ЈП за ПУП

Веќе четири месеци сте на чело на јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови (ЈП за ПУП), во чија надлежност е и јавниот градски превоз кој функционираше со потешкотии.

Во изминатите три месеци ЈП за ПУП се соочуваше со бројни проблеми за нормално функционирање на јавниот градски превоз. Од четирите нископодни автобуси за јавен градски превоз, кај еден настана сериозен дефект (дефект на менувач на брзини), кој придонесе наведениот автобус да не биде во функција неколку месеци. Напоредно, кај останатите три настануваа различни дефекти (дефект на: главен ладилник, системот за метан, турбина), за кои исто така беше потребно подолго време за отстранување, како и неколку дефекти од помал обем за кои беше потребно помалку време за отстранување на проблемите. Дополнително се усложнија проблемите со тоа што резервните делови не беа достапни во државава. Се чекаше набавка од странство, што значително го продолжи потребното времето за поправка и враќање на автобусите во функција.

Ѓраѓаните ја бараа “тројката”, имаше прекин на линијата 3.

Техничката неисправност на автобусите го отежна нормалниот градски превоз. Поради ограничениот број на исправни автобуси, прекината беше една линија (линија 3). Во тој момент немаше резервен, бидејќи останатите немаат вграден електронски систем за наплата и не се нископодни, односно не се наменети за јавен градски превоз. Моментно, состојбата со техничката исправност на автобусите е подобрена. Дефект од помал обем има само еден автобус. Очекуваме набрзо да биде отстранет. Така следните неколку дена очекуваме сите четири автобуси да бидат технички исправни, што би придонело за редовен јавен градски превоз без прекин на одредени линии. Во следниот период ќе се продолжи со редовно одржување на автобусите за безбеден и редовен јавен градски превоз.

Како плаќањето во автобус да се поедностави?

Во моментов превозот го користат само корисници со картичка од ЈП за ПУП. Активно работиме на решение со кое ќе биде овозможено плаќање и со платежни картички издадени од која било банка, со цел јавниот градски превоз да биде достапен за сите граѓани кои имаат потреба да ги користат услугите од јавниот градски превоз.

Ниски цени и бесплатен превоз за одредени категории?

Покрај тешката финансиска состојба на претпријатието, цените на услугите на јавниот градски превоз остануваат меѓу најниските, односно најповолните во државата. Цената на билетот за едно возење изнесува 30 денари. Во недела има бесплатен превоз за сите граѓани кои имаат потреба да користат јавен градски превоз. Бесплатен превоз имаат пензионерите со најниски примања, како и учениците и наставниците од средните училишта кои се оддалечени над 2,5 км.

Ова е доказ дека претпријатието, во соработка со локалната самоуправа на Општина Прилеп, води социјално одговорна политика, односно приоритет се граѓаните и обезбедувањето јавен градски превоз. Тоа е услуга од јавен интерес која се субвенционира од државата или општината заради социјални, еколошки и урбани причини. Истата состојба постои и во други градови во Македонија, како и во сите европски и светски градови, каде јавниот превоз се финансира со комбинација од билети и јавни дотации. Програмите за бесплатен превоз за одредени категории, дополнително го намалуваат приходот.

Кои се најголемите проблеми?

Остануваат проблемите со стариот возен парк, високите трошоци за гориво и недоволната искористеност на линиите во одредени делови од денот, кога фреквенцијата на патници е намалена. Имаме ниски цени на билети со цел јавниот градски превоз да биде достапен за сите граѓани, а цената на билетите е пониска од реалните трошоци за одржување и гориво.

Градскиот превоз има и социјална функција, бидејќи имаме бесплатни или повластени билети за ученици, студенти, пензионери и лица со посебни потреби, што значително го намалува приходот на претпријатието.

Имаме високи трошоци за одржување на автобусите, бидејќи се стари и амортизирани и често имаат потреба од поправки. Платите за возачите, горивото, инфраструктурата и новите инвестиции, како еколошки автобуси и дигитални системи, бараат големи средства.

Непредвидливоста на побарувачката е исто така проблем кај јавниот градски превоз, бидејќи во одредени часови автобусите се преполни, а во други празни, и тоа претставува еден вид неефикасност во користењето на јавниот градски превоз, за што треба да бидат информирани и граѓаните.

Што носи јавниот градски превоз?

Целта е намалување на метежот од автомобили, загадувањето и обезбедување мобилност. Нема добивка. Јавниот градски превоз не е замислен да носи профит, туку да обезбеди пристапност, еколошка средина и одржливост во градот. Прилеп не е исклучок. Таа практика, причини и цели постојат во сите градови. Затоа прашањето не е дали превозот е профитабилен, туку колку е ефикасен и колку добро ја исполнува јавната функција. Како директор на ЈП за ПУП, ќе се обидам во наредниот период да го остварам токму тоа.

ТУРИСТИЧКОТО ВОВЧЕ “ВОН КОЛОСЕК” ЗАРАДИ БЕЗБЕДНОСТ

– Туристичкиот воз нема да биде пуштен во употреба, бидејќи постојат законски пречки. Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, туристички воз не смее да се движи по јавен пат, односно може да се користи за превоз на лица во паркови, хотелско – туристички и слични населби, на површини на кои не се одвива сообраќај, како и на пат на кој се одвива сообраќај за туристички цели.

ПАРИЧНИ КАЗНИ ЗА ПАТНИЦИТЕ БЕЗ БИЛЕТ

Има ли злоупотреби од корисниците?

– За да се воспостави ред и еднаквост, во автобусите ќе се вршат зачестени контроли, а патниците кои ќе бидат затекнати без регулирано патување ќе бидат санкционирани со парична казна од 300 денари.

Вработените во ЈП за ПУП забележуваат прекумерно и нерационално користење на бесплатниот јавен градски превоз на одредени корисници, кои дополнително го оптоваруваат капацитетот на автобусите. Сепак, најголем дел од корисниците на бесплатен јавен градски превоз совесно ги користат услугите и нашата цел не е ограничување на правата, туку воспоставување подобра организација во услови кога претпријатието располага со мал број автобуси за јавен градски превоз.

ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ И ЗА ПРИЛЕП

Ќе имаме ли освежување на возниот парк?

Возниот парк е во лоша состојба. Моментно автобусите се технички исправни, но се значително истрошени, односно имаме застарен возен парк на кој му е потребно освежување со нови автобуси.

Во таа насока, ја поздравувам одлуката на Владата за распишување тендер за набавка на 150 електрични автобуси и 75 полначи, а според информациите од медиумите, потпишан е договор со унгарскиот производител Икарус, што значи дека би следувал период во кој значително ќе се подобри јавниот градски превоз во државата.

Како ЈП, очекуваме дел од тие автобуси да бидат распределени и за нашиот град, имајќи ги предвид реалните потреби и состојбата со која се соочува нашиот возен парк. Новите автобуси би значеле подобрување на услугите, поголема редовност, безбедност и подобри услови за граѓаните.

Loading