Селото Брајчино е едно од најубавите во преспанскиот регион. Се наоѓа на Балтан Планина. Тече реката Балтан.
Што е Брајчино? Село или туристички комплекс? Ако е село, во Македонија, ретко кој видел добра организираност, разновидна понуда и перфектна хигиена. Ниту едно книвче, ниту догорче на патот. Само бескрајно диво зеленило, жуборењето на Балтан и мирисливиот воздух што ги полни белите дробови. На планината “врие” нане, мајчина душица, камилица, коприва… во зависност од сезоната.
А зошто Балтан?
Легендата вели вака: “Во дамнешно време, кога тука престојувал некој бег, една девојка, рисјанка, побегнала со еден од неговите војници. Бегот се растрчал да го пронајде војникот и го нашле скриен на планината. Кога го прашале што барал тука, тој им рекол:
– Тука најдов поблаго од мед, повредно од алтан (мед на турски е бал, а злато – алтан).
Значи таа била толку слатка и скапоцена. Оттогаш, како што раскажувале Турците во аскерот, планината се вика Балтан.
Брајчино е една од најпрекрасните локации во Преспа. “Стои” под југозападниот срт на планината Баба. Се допира со атарот на селото Бистрица и со државната линија на јужниот сосед. Ова живописно место е градено на 1000 метри.
Десетина домаќини на куќи издаваат соби. Придонесуваат за развојот на селскиот туризам. Старите куќи се обновуваат. Се зголемува бројот на туристи за престој и уживање во раскошната природа. Агенциите поинтензивно го нудат не само за организирани посети.
За селото се слуша и надвор од границите. Станува познато во светот. Доаѓаат Американци, Германци, Швајцарци, Норвежани, Данци… И дипломати, амбасадори и конзули. Атрактивноста на преспанската рустика е промоцијата за еколошки туризам. Селото официјално е вброено меѓу дестинациите што негуваат еколошки туризам. Швајцарците помагаа со донации. Брајчино во 2003 година беше избрано како најпогодно место за селски туризам од сите потпелистерски села.
Десетина брајчински семејств ги отворија своите куќи за гости.. Пет-шест, нудат спиење со појадок, а уште толку ручек и вечера. Љубезните домаќини, за секого се со добра дума, за гостите се грижат како за најблиски.
Поради близината до Преспанско Езеро, за љубителите на водата и птиците, интересни дестинации се и островот Голем Град, орнитолошкиот резерват Езерани, како и Подмочани, каде што се наоѓа музејот со најмногубројната колекција на народни носии.
Привлечен е и манастирот со соби за спиење, а неколку жени се ангажирани да приготвуваат македонски специјалитети.
Брајчино е царство на традиционални преспански јадења, како ѓомлезе, питулици, тавче – гравче, циронки, пити и мармалади од јаболка и уште многу неверојатни понуди. На трпезата се сервираат два вида салати, супа и пита за предјадење, а за главно јадење нудат полнети пиперки, сарма или мусака, чадено месо и, како најголем специјалитет, се предлагаат домашни колбаси, викани лукаинци.
Околината нуди можност за развој на зимско-спортскиот туризам, планинскиот, здравствениот, манастирскиот.. Има перспектива.
Легенда за ножот
Пред дваесеттина години една млада невеста од Преспа имала проблематична бременост. Го изгубила бебето. Сонувала сон да го земе стариот нож од црквата Света Петка од Брајчино и цела година да го држи под својата перница. Направила така. Родила од Бога дарувана прекрасна ќерка. Напредувала вртоглаво во секое поле во животот. Луѓето кои се грижат за оваа манастирска црква, не сакаа ништо да кажат за ножот (можеби само на оние кои го сонувале), но рекоа дека и другу луѓе по сон дошле да бараат лек тука. Мајка од Полска за своето болно дете сонила сон и дошла во Брајчино. И постојано доаѓала.
![]()


