Фељтон: Томе Велјановски
Конецот од фурката се гори поединечно за секое лице, каков ќе биде пламенот во брзината на горењето, така ќе биде силата на лицето. Лушпите од потрошените јајца се пуштаат во реката, во водата за да ги однесе, да не се претворат во болви. Колку членови се во домаќинството, толку пресни риби се закопуват в земи, со три пати изречено, ти да лежиш в земи, за мене. Со време мачките намирисуват и гребат каде се закопани рибите.
Василоските, Дамјаноските, Котеските потомства и други луѓе од Марул преку денот одат за проштачка со болниот Котески Илија. Неговото здравје е подобрено, тој од позади на пампурот и свесно разговара со сите посетители од ден на ден се подобрува, облечен во кожувот со кој пропадна во вирот во Чешмите.
Пролетта навлегува постабилно време, орачите почнуват да ги ораат ланските стрништа за садење на летните култури. На денот Маченици, во нашето село Марул, се запотнуват ливадите, со понатамошното пасење на стоката за да расти трева за ново сено. Отпосле запотнувачите се собират на Падарница, си носат секој пагурче ракија и се честат со благослов за завршената работа со запотнувањето на ливадите.
Према кажувањето на постарите генерации на денот Маченици – Мученици, горските еребици каменарките ги растурат нивните дотогашни групни јата, се делат во парови за несење јајца и правење нови јата од исквачените нови пилиња еребичиња.
Во пролетните денови, за времето на велигденските пости во Марул умреа две постари баби.
1. Петреска Велјаница Јованка, према возраста на нејзиниот сопруг родена во 1877 година, Мелезоска во с. Штавица. Мажена за Петрески Петрев Бабјак, роден во с. Крушевица, доселен од с. Мусинци во 1913 година во Марул. Брачниов пар Велјан и Јованка има девет деца и тоа Петре 1902, Аце 1904, Ванѓел 1906, Трајана 1908, Анѓа 1914, Блага 1918, Кристо 1920, Ванчо 1925, Алексо 1929, сите има потомство. Петре Бабјак, прочуен играорец. Неговите браќа, сите до еден се музиканти, гајдаџии. Сите веселби на сред селото започнува од нив Бабјаковци.
2. Ристеска Ристејца Стојанка према староста на сопругот и родена 1878 година во с. Кален кај Мачоровци, преселени Штавица. Прва брачеда од вујко на татко е, на мајка ми Неда. Тие имат живи четири деца Јованче 1908, Степан 1915, Мите 1921, Цветан 1927. Пред Јованче имале умрено две деца. Прекарот Мачоровци го добиле по тоа што нивните црнки во очите на вечер му се издолжувале како на мачките.
Пролетта е убава, цветна, кај жените започнува работата со разбовите, ткаење на бели платна за везење кошули за девојките пред денот Велигден. Исто така, од тоа платно ткаено се прават и машки кошули дома кроени и шиени, немало индустриска облека во тоа подалечно време во селата како модна носија. Штотуку ќе се направела кошула за ергенче, ја носеле на буниште и се пеела песната:
Пеете вие петли
Кошула се грли
За Велигден дено
Петре ќе ја носи
Со гости ќе оди
Ора ќе води.
Има и друга традиционална верзија поврзана со разбојот. Кога ќе се доработи ткаенината во разбојот, едно девојче зема една потрошена гачалка, тоа е обична дрвена прачка на која стоеше намотано преденото, ја носи на буниште, ја става и замислува некоја бремена жена. Се опулува, гледа каков пол прво ќе види, такво ќе биди замисленото новороденче кај бремената жена.
Небудноста ни го оштети стадото овци на денот Проштеачка, волкот во 1960 година. Јас, Томе, петнаесет годишно овчарче после пладнина ги дотерав овците од пасење во новоизграденото трло во 1959 во местото Горни Цуцул во нашата ограда одалечено на 500 метри од домашната куќа за живеење.
Откако се нацицаа јагнињата во кордата за прв пат ги пуштив јагнињата со нивните мајки во ливадата да бидат заедно. Јагнињата нацицани се одделија од булукот овци и од нивните мајки во мало младешко булуче, играат, рипаат, тоа беше голема радост како за младото булуче јагниња од 34 младеш, а исто така голема радост и за пастирчето. Дојде времето, ги собрав овците со јагнињата, ги затворив во трлото без да ги бројам од заборавање. Си дојов дома, се преоблеков во друга облека и со малското друштво без разлика на пол, се рашетаме по куќи за да им го честитаме празникот по наше локално наречје Прочка и да се обратиме за нашите грешки ако ги имаме направено во годината.
Откако завршија сите шетања вечерта и домашните адети обичај некаде во 23 часот, братот Трајан 23 годишно момче отиде да ги види овците во трлото и да му стави храна, сено во дрвените плетени котари. Само што ја преминал реката кај Новачевци, Димитријовци нашите кучиња страшно залајале, го оставиле него и со голема брзина се втурнале зад нашето трло од позади и со остро нервозно лаење. Тој си помислил да кучињата лаат на некој ранобуден еж.
Трајан само што се појавил од позади на трлото за големо негово изненадување рипнал како партал поред него и заминал преку брежето за во Горник, се дале кучињата по него, за кратко се вратиле. Тоа бил волкот. Трлото покриено со сламова ржаница продупено. Овците внатре во трлото вознемирени сите, блеат мајките за своите мали јагниња.
Влегол Трајан во трлото, го запалил фенерот, овците се смириле, само две мајки блејат, си ги бараат своите јагниња, нив ги нема. Тогаш сватиме да јагнињата од играњето се умориле и заспале, кога се пробудиле откако ги затворив овците во трлото тие блееле, ги слушнал волкот, дошол ги изел, се качил на трлото за поголем плен за да влези в натре, не успеал.
Првата причина е во тоа што тој иако го дупнал трлото прво ги пропушта предните нозе за да допре до земјата, ако не допре, не влегува, нема како да излезе. Како втора причина, кучињата го вознемириле, трлото е високо, немаше шанса да влези внатре.
Мајките на изедените двете јагниња со блеење за нив после неколку дена за да се ослободат од притисокот на млекото во нив си присвоија други јагниња кои се здобија со мајка и маштеа.
После случката со нашите јагниња од моите другарчиња овчарчиња Атанас, Ванчо, Данчо, Драган, Коста, Петре, Цветан добивав разни нагодувања во смеа.
1. Таков гостин со месо да се пречека на Прочка, го нема никаде.
2. Да го повикаше за прошеачка дома на чело да седи, немаше тоа злосторство да го прави.
3. Тој сакал да ја игра улогата на болната баба и Црвенкапа, го дупнал трлото да легни в кревет и да го чека овчарчето Црвенката за понада, но бил несреќен го спречиле кучињата и Трајан.
4. Овчарчето во оградата во Горни Цуцул овците ги паси купче, ама две јагниња на волко в уста.
Продолжува
![]()


