Некои се прашуваат зошто е интересна историјата на крстосницата Чумовчани. Овој потег некогаш бил трансферзала, односно “автопат” на овој дел од Македонија. Крстосницата од секогаш будела чувства на нешто нејасно, неразбирливо. И кога се кажува дека е нужно решение на густиот сообраќај, еве едно потсетување на минатото од пред стотина и кусур години.
Браќата, Ангеле и Блаже, од почетокот на минатиот век, родум од селото Чумово, по Крушевското востание, заминале на печалба во Америка. Не се патувало со авиони, туку со запрежни коли, пеш до Букурешт, Романија, до Влашко. Потоа со воз до Марсеј, Франција. Оттаму со параброд, патувале цел месец до Њу Јорк, па пак со воз до Чикако. Работеле повеќе години во фабрика за кокс. Печалеле златни долари со пот и ги испраќале дома. Се вратиле во 1918 година на местото што сега, а и тогаш било атрактивно, изградиле заедничка куќа, мајсторски, урбанизирана за времето. Повозрасниот Ангеле со сопругата Неда и четирите деца, Гога, Кике, Верка и Илче, се населил во дел од заедничката куќа (лепенка), односно на ќошот од сегашните улици “Сотка Ѓорѓиоски” и “Алексанадар Македонски”, порано “Битолска” и “Моша Пијаде”. Блаже Тасески со неговата Вита и децата Асен и Цена, се вселил на левата страна на куќата, а од другата страна направил куќа брат му со синовите Ордан и Тале. Од другата страна, на делот на Ангеле бил вдомен другиот брат, Мијајле.
Крстосницата била на крајот од градот, на улицата “Цар Самоил” на Старо Корзо. Со децении била главна сообраќајница за Грција, преку, Велес, Плетвар и Дервен и за Битола. Минувале тенкови, војски со камиони, германски, бугарски… По ослободувањето, по 1945 година, југословенските урбанисти оцениле дека улицата е тесна. Нацртале дека треба да се урне куќата на Ангеле и Блаже, а и на Мијајле и дел на Неделко и да се изгради, широка, нова улица од четириесетина метри. Се турнале и други куќи. Улицата “Сотка Ѓорѓиоски” била проектирана поширока за влез во градот. На сопствениците, на потомците на Ангеле и на Гога Чумовчани, им дале можност да кренат нова куќа од спротивната, страна каде сега е “Златна Копачка”, а на Блаже Чумовчанец, од другата, кај аптеката “Билка Фармација”. Бидејќи кај мостот кај стара автобуска станица имале куќа, и таа се турнала на семејството Пејовци. Такво било слободарското време.
Многумина, дури и стручнаци, прашуваат зошто им била толку широка улица. Така било, оти се нацртало во тогашниот ДУП. За државниот, народниот интерес се туркале и други куќи, оти се кревал град, Прилеп. Властите така замислиле и така уредувале.
Сега е сé поинаку. Ако имаш мала куќарка, а до неа во дворот уште неколку стотини метри бавча, барај и ќе добиеш дозвола за градба на голема зграда. Така се растурија многу бавчи, расадници, од Блашковци, од Киро Кебакот, од Чачоровци, од Гавриловци… Се направија и многу на диво, кои сега се “примитомија”, легализираа и станаа “плански”.
За да се уреди градот потребни се средства, пари. Се уредуваше со комуналиите што се плаќаа за индивидуални куќи. Сега пак се заговара регулација на улицата од 1952 година, односно од пред стотина и повеќе години со името “Крал Петар”, а потоа “Битолска”. На тесната улица беше транспортиран бродот Галеб во Охрид. По туркањето на куќата од браќата Ангеле и Блаже Чумовчани, на истото место се изгради нова куќа.
Сега “божем”, се размислува за кружен тек да се намали сообраќајниот метеж. Тешко е да се разбере дека инженерите по сообраќај ќе најдат решение за регулација. Да, тесна е улицата, тесен е и Булеварот, тесни се уште многу други улици, но урбанистите кои ќе решаваат за судбината за крстосницата Чумовчани. Треба да знае дека семафори има и на Менхетен и на Бродвеј во Њу Јорк. Кружни текови се проектираат каде има можност, а не како оној на Булеварот кај поранешната Стоковна куќа. Кружни сообраќајни текови се прават на големи, широки и урбанистички решени улици, а не да се туркаат индивидуални и други објекти. За тоа се потребни многу пари. Не е времето од 1952 година. Сега во куќата на Чумовчани живеат наследниците, помладите потомци.
Како и да е, решение ќе се најде од стручни луѓе.
Кирил Ристески новинар
![]()


