Како поинаку да се наслови ова што му се случува на градот, пред нашите очи, кои упорно ги затвораме. Не сакајќи стануваме соучесници во срамот. А срам му се случува на нашиот град, без обид да го спречиме, односно го дозволуваме.
Конкретно, во делот на урбанизмот и заштитата на животната средина. Најконкретно, во строгиот центар на градот. Урбанизмот по дефиниција е среденост, решавање на просторот и животната средина за попријатно место за живеење. Затоа сите сакаме градот да биде урбанизиран, пријатен за сите кои живееме овде, па и за оние кои нé посетуваат. Сопствениот дом, го средува семејството. Како ќе се организира, така ќе се живее. Месната заедница е одговорна за маалото. Градот е одговорност на локалната самоуправа. Таа е лицето на градот или градот е лицето на локалната власт. Центарот на градот е ачик лице на градот. Поточно, лицето и опачината. А какво е тоа лице и опачина да го илустрираме само преку еден пример и преку него да ги бараме и да ги најдеме сите одговори. Од многуте, еве го тој, кој е “виновникот” за овој револт. Највидливиот, најочебијниот, просторот кај култната скара на баба Родна.Тоа е невиден срам. Срам ипол над 30 години. Срам за локалната самоуправа, потоа и за сите кои немо посматраат, а кои нешто значат за градот, а не реагираат. Кога минуваат покрај руината, го затвораат носот и го вртат погледот во спротивен правец, негодуваат. И толку. А замислете, карши е домот на кулутрата, до него се Марко Цепенко, Блаже Конески и Круме Кепески. И тие како да се засрамиле, па ги пуштиле очите во пишанките. За неполни два месеца на гости ќе дојдат најдобрите актери од Македонија, кремот на македоската култура на чело со министерот за култура, можеби и за животна средина, да ни сеат култура. Колку е таа важна во општествениот живот, колку сме посветени за нејзиниот напредок, колку труд сме вложиле… Градоначалникот и сите видни граѓани, кои во моментов нешто значат, ќе бидат во првите редови, ќе ракоплескаат, со право, за театарските изведби, за актерите. Ќе бидат дел од настанот, со право, како што е редот. Ќе кажат по некој збор за значењето на културата во севкупниот живот во градов. А само на десет метри од нив е најголемиот срам кој никако да го видат. Како “заштитен знак” да им е, а никако да се ослободат. Како да се љубоморни на таа “убавина”, па никако не сакаат да ја загубат. Ако е така, нека го патентираат и нека го пријават во УНЕСКО. Така, трајно можат да го заштитат, се разбира, ако влезе во нивната програма за заштита на ретки културни вредности и заштита на загрозената животната средина.
Прочитав дека градонацалникот бил во некое село во општинава, во некој манастир на богослужба каде после имало забава. Убаво. Ама за мене, верувам и за многу мои сограѓани, тоа не е вест што сакаме да ја прочитаме. Многу повеќе сакам да бидам известен дека го средил просторот “кај Родне”, дека се изборил за изградба на нов театар за да уживаме во театарските претстави, заедно со актерите, дека го оживеал спортот во градов, брендот Победа и наголема врата да се врати на местото што го имала во земјава и пошироко, дека кај да е ќе почне изградба на затворен зимски базен, дека ќе профункционира барем една од двете спортски сали, дека во рамките на УКЛО ’ донесен нов факултет, дека сака да отвори некое конзуларно претставништво, дека…
Се надевам дека овој револт ќе има некое влијание кај оние за кои е наменет. Од искуството, не очекувам, но чуствувам потреба дека ова мора да се изнесе во јавноста. Верувам дека овој мој револт го делат многу сограѓани. Така, во име на сите барам локалната самопарава да ги решава проблемите во нејзина надлежност за да го направиме нашиот град попријатно и подостоинствено место за живеење.
Ако сега не се засрамат, како ли ќе биде, кога, по некое време, пак ќе го барате нашиот глас. И тогаш ќе немате срам? Ако и тогаш успеат, значи нé не бива, ниту вас, ниту нас.
Миле Наумоски пензионер
![]()

